X
 13.10.2015 Образование

Е-дневникот пак им тренира нерви на наставниците



Електронскиот дневник овие неколку дена не функционира како што треба, реагираат просветниците по социјалните мрежи.

Тие велат дека е-дневникот не им ги зачувува внесените податоци, односно распоредите на часови.

„Се отепав од пишување и кога отворив беше празно, ништо не ми се зачувало", реагира наставничка. Таа и десетици нејзини колеги коментираат дека треба сите заедно да реагираат за да се поправи техничкиот проблем кој настанал.

Инаку, во февруари годинава, по штрајкот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) беше договорено пишаните дневници да заминат во историјата, а во наставата да се користат само електронските дневници. Првиот човек на СОНК Јаким Неделков тогаш рече дека договорено е со властите дека да се исфрли пишаниот дневник од употреба и целата евиденција да се води само во електронскиот дневник.

Сепак, и оваа учебна година наставниците и професорите водат паралелна евиденција и во пишан и во електронски дневник, исто како и изминатите учебни години.

Укинувањето на дел од обврските на просветниците беше предмет на расправа бидејќи синдикалците постојано предупредуваа дека наставниците во последниве години имаат премногу административни обврски, што предизвика тие наместо со наставата и часовите, да се занимаваат со пополнување сенешто, со што опаѓа квалитетот на наставата.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование