X
 21.10.2019 Живот

Епидемија што владее во светот - полоша е од пушењето кутија цигари дневно

Политичарите во Берлин бараат да се постави комесар за осаменост. Луѓето сè помалку се дружат и имаат социјални врски, а тоа влијае и врз здравјето. Не станува збор само за германски проблем - феноменот е забележан од Јапонија до Америка.

Секое второ домаќинство во Берлин има само по еден член. Во градот веќе постојат служби за помош на постарите луѓе, професионално организирање на забави за физички контакт со други луѓе и групи за самопомош на „Фејсбук“.

А берлинскиот одбор на Демохристијанскиот сојуз (ДХС) на канцеларката Ангела Меркел сега бара главниот град да има официјален комесар за осаменост.

- Некој мора сè да координира и за тоа е потребно работно место со полно работно време. Берлин, како метропола што расте, мора да го преземе овој чекор - изјави портпаролот на ДХС, Мајк Пен, објаснувајќи дека повеќе не е доволно со тоа да се занимаваат само доброволци.

осаменост
Фото: Depositphotos


Осаменост во град со 3,6 милиони жители

Минатата година 1.300 луѓе биле вклучени во доброволна работа во борбата против осаменоста. Можеби звучи како голема бројка, но градот има 3,6 милиони жители и секоја година бројот на жители расте.

Според извештајот на берлинскиот весник „Тагесшпигел“, најмалку 300 луѓе годишно умираат во своите станови без никој да забележи. Не е ни чудо што медиумите го нарекуваат Берлин „престолнина на осаменоста“.

Истражувањето што во мај го спровела сојузната влада утврдило дека од 2011 до 2017 година за 15 отсто се зголемил бројот на Германци на возраст помеѓу 45 и 84 години што изјавиле дека понекогаш се чувствуваат многу осамено.

Епидемијата на изолираност не е само германски феномен. Велика Британија уште во 2018 година воведе министер за осаменост, поставен откако едно истражувањето утврдило дека 9 милиони Британци се чувствуваат осамено.

Во тоа време Марк Робинсон, шеф на непрофитната организација „Ејџ Ју-кеј“, рекол дека е докажано дека осаменоста е полоша за здравјето од пушењето 15 цигари дневно и дека не мора да биде составен дел од животот на постарите луѓе.

Но, сè помасовната изолираност е феномен што се забележува во сите старосни, родови и етнички групи. Опсежно истражување што го спровела американската истражувачка компанија „Ипсос“ открило дека во САД најосамени се луѓето од генерацијата З - родените кон крајот на 90-тите и почетокот на овој век.

- Речиси половина од Американците (46 отсто) изјавиле дека понекогаш или секогаш се чувствуваат осамено. Генерацијата З има највисок степен на осаменост, а најмалку осамени се постарите од 72 години - покажало истражувањето спроведено за компанијата за здравствено осигурување „Цигна“.

Проблем и на Истокот

Осаменоста не е само проблем на Западот. Во Јапонија со децении се вообичаени кафулињата што нудат изнајмување на момче или девојка за разговор, за прошетка или за преправање дека на луѓето им се партнери.

Во Кина политиката на едно дете предизвика таква нерамнотежа во популацијата, што сега има сè поголем број извештаи за трговци на луѓе кои киднапираат жени од соседните земји како Мјанмар за осамените млади мажи во Кина да си обезбедат сопруги.

Не обвинувајте ги социјалните мрежи

Друштвената изолација влијае врз здравјето и тоа е сè поочигледно. Американскиот национален институт за здравје вели дека ризиците вклучуваат висок крвен притисок, срцеви заболувања, дебелина, ослабен имунитет, анксиозност, пад на когнитивните способности, Алцхајмерова болест, па дури и смрт.

Истражувањето „Цигна“ исто така открило дека осаменоста ѝ штети на кариерата, што доведува до пониски плати и послабо напредување, поради лошата соработка со колегите.

Многу луѓе ги гледаат причините во замките на модерниот живот што дојдоа со интернетот, но истражувачите велат дека причините се подлабоки. Во истражувањето „Цигна“ се наведува дека врз основа на податоци како што се нивото на директна интеракција помеѓу луѓето, физичкото и менталното здравје и рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот, подобро може да се прогнозира осаменоста отколку врз основа на користењето на социјалните мрежи.

Порака до шефовите

Истражувањето „Цигна“ како едно од решенијата предложи шефовите на работното место да промовираат тимска работа и ангажман - тоа може да доведе до некои основни интеракции како разговор, воспоставување контакт со очите и непосредна физичка близина со другите. А токму тоа им недостига на осамените луѓе.

Берлинската ДСХ планира годишен буџет во висина од 100.000 евра за финансирање проект за борба против социјалната изолација.

Додека Сенатот во Берлин не го разработи и не го одобри планот, на оние што страдаат од чувството на осаменост психолозите им препорачуваат макар минимален контакт со луѓето во непосредна близина, како соседите, работниците во супермаркетите и слично. Им се советува повеќе време да поминуваат надвор и да пронајдат групни активности.

Ако им е многу лошо, тогаш треба да разговараат со доктор.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот