X
 02.02.2018 Наука

Вакцина што го уништува ракот ќе се тестира и на луѓе

тест

Револуционерна вакцина што ги напаѓа туморите влегува во фаза на тестирање кај луѓето.

Тимот на научници од Универзитетот „Стенфорд“, кој веќе има развиено еден од најкористените лекови за рак, тврди дека само една инјекција во туморот поттикнува имунолошка реакција на организмот што ги напаѓа и сите други тумори што евентуално го метастазираат телото. Ова може да им даде надеж на пациентите со поодминат стадиум на рак, чии шанси за третман на рак во моментов се сметаат за минимални.

Тестирањето на луѓето ќе почне да се спроведува затоа што тестирањето на глувците, како што велат истражувачите, поминало зачудувачки добро. 90 отсто од испитаните животни биле излекувани по само една инјекција, а останатите по втората. Лекот дејствувал дури и кај глувци кај кои ракот се проширил низ целото тело.

Бидејќи една доза од лекот е доволна, научниците тврдат дека ќе биде од корист и, уште поважно, веројатно нема да предизвика несакани ефекти како другите лекови против ракот.

Иако оваа терапија се нарекува вакцина за рак, разликата во однос на вакцината против грипот и другите инфекции е тоа што оваа вакцина им се дава на луѓето што веќе имаат рак.

Вакцината има две компоненти: првата е кратка ДНК-секвенција во близина на имунолошките клетки што ја подобрува експресијата на активирачкиот рецептор на површината на Т-клетките, кои се клучни за борбата на телото против ракот. Втората компонента на лекот е антитело што се врзува за рецепторот, ги активира Т-клетките и ги напаѓа клетките на ракот. Бидејќи се инјектира директно во туморот, лекот ги оспособува Т-клетките што веќе го препознаваат ракот бидејќи се внатре во него.

Истражувачите планираат да ја тестираат вакцината, односно лекот, на 15 доброволни пациенти што боледуваат од лимфома. Но ако биде успешен, д-р Роналд Леви, професор на онкологија чија лабораторија има развиено распространет вид хемотерапија, вели дека ќе може да се користи и за други видови рак.

„Мислам дека не постои граница за типот на тумор што потенцијално може да го третираме, додека се инфилтрира во имунолошкиот систем“, вели овој научник.

Сепак, големото прашање е дали овој пристап ќе дејствува на луѓето бидејќи повеќето терапии за рак кај глодачите не се покажале применливи кај луѓето.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука