X
 21.10.2020 Наука

Научници открија орган во центарот на човечката глава

Медицински научници дојдоа до изненадувачко анатомско откритие откако забележаа нешто што изгледа како мистериозен сет од плунковни жлезди скриени во човечката глава, а кои некако со векови не биле забележани од страна на научниците.

„Непознатиот објект“ бил идентификуван случајно од страна на лекари во Холандија кои испитувале пациенти со рак на простата со напреден скен наречен PSMA PET/CT. Кога ќе се спои со одредени инјекции, оваа алатка за дијагноза ги нагласува туморите во телото. Сепак, во овој случај покажала нешто сосема друго, сместено зад назофаринксот.

- Луѓето имаат три сета големи плунковни жлезди, но не таму. Колку што знаеме, единствените плунковни или слузни жлезди во назофаринксот се микроскопски мали и илјада од нив се еднакво распоредени низ слузокожата. Па, замислете го нашето изненадување кога ги најдовме овие - објаснува онкологот Воутер Вогел од холандскиот Институт за рак.

Плунковните жлезди се оние што ја создаваат плунката, која е неопходна за функционирањето на нашиот дигестивен систем, а голем дел од течноста се произведува од три поголеми жлезди. Но, има и околу илјада мали плунковни жлезди, сместени во усната шуплина и аеродигестивниот тракт, но тие генерално се премали за да може да се забележат без микроскоп.

Новото откритие на тимот на Вогел е многу поголемо и покажува нешто што изгледа дека е претходно занемарен пар жлезди - наводно четвртиот сет на поголеми плунковни жлезди - лоциран зад носот и над горното непце, во близина на центарот на главата.

- Излезе дека двете нови области имаат и други карактеристики на плунковни жлезди. Ние ги нарекуваме тубаријални жлезди, што се однесува на нивната анатомска локација (над Torus tubarius) - истакнува првиот автор на студијата, оралниот хирург Матијс Валстар од Универзитетот во Амстердам.

Фото: Science Alert

Тие жлезди биле забележани во PSMA PET/CT скеновите на сите сто пациенти испитувани во студијата, а и физичкото испитување на два трупа - еден машки и еден женски - исто така ја покажало мистериозната билатерална структура, откривајќи микроскопски видливи канали за дренирање кон ѕидот на назофаринксот.

- Колку што знаеме, оваа структура не се совпаѓа со претходни анатомски описи - велат истражувачите во нивниот труд.

Во однос на тоа како е можно овие жлезди претходно да не биле забележани, истражувачите посочуваат дека структурите се најдени на тешко достапна анатомска локација, под основата на черепот. Можно е отворите на каналите да биле забележани, велат истражувачите, но можеби не биле забележани како тоа што се. Дополнително, само поновите техники би можеле да ја детектираат структурата како плунковна жлезда.

Иако истражувачите признаваат дека ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се потврдат нивните пронајдоци, тие велат дека ова откритие ни дава нова цел за избегнување при лекувањето со зрачење на пациентите со рак бидејќи плунковните жлезди се многу чувствителни на терапијата.

Резултатите се објавени во „Радиотерапи енд онколоџи“.

Извор и насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука