X
 07.09.2016 Наука

За прв пат забележан необичен феномен во стратосферата

Во 60-те години на минатиот век, научниците го измислија терминот „квазибиенална осцилација“ за да го опишат предвидливиот аспект на шемата на ветровите на Земјата, која се повторува на секои две години.

 

стратосфера


Неодамна оваа шема неочекувано се променила - нешто што не се случило откако постои ваквиот тип на мерење.

Иако пореметувањето на шемата (на прв поглед) немало очигледно влијание врз времето и климата, сепак предизвика интересни прашања за научниците на НАСА кои ја забележале промената. Така на пример, ако шемата на ветровите била иста во период од шест децении, а после тоа наеднаш се променила, потребно е да се одговори на прашањето зошто тоа се случило и кога ќе се повтори. Исто така, какви последици би можела промената да има врз климата?

„Квазибиеналната осцилација е константна во стратосферата“, вели Пол Њуман од Годар центарот на НАСА. Тој оваа појава ја спореди со гејзерот Олд фејтфул во Националниот парк Јелоустоун, чие исфрлање на водата на секои 35 до 120 минути е една од најпознатите предвидливи појави на Земјата.

„Кога Олд фејтфул би престанал да исфрла вода во период од еден ден, сигурно би се запрашале што се случува под земјата“, вели Њуман.

Тој е главниот автор на новиот труд поврзан со промените на шемата.

Квазибиеналната осцилација го опишува процесот во кој ветровите во тропската стратосфера - атмосферски слој кој се протега на 16 до 50 километри над површината на Земјата - орбитира околу планетата и ги менува своите источни и западни правци во циклуси од околу две години. Западните ветрови се развиваат на врвот на стратосферата, а потоа постепено паѓаат кон дното - на околу 16 километри од површината на Земјата - додека позади нив останува слој од источните ветрови.

На секои 28-29 месеци нивната положба се менува, па западните се враќаат во горните слоеви од стратосферата, а источните се спуштаат во пониските.

Квазибиеналната осцилација има значително влијание врз условите кои преовладуваат во стратосферата. Феноменот за прв пат е измерен со помош на метеоролошки балон во тропските области на неколку точки во 1953 година. Од тогаш, шемата не се променила ниту еднаш, се' до крајот на минатата година. Како што се ближеше крајот на годината, ветровите од запад се приближиле до најнискиот дел од стратосферата, а тоа било знак дека наскоро ќе бидат заменети со послаби источни ветрови. Но, тоа не се случило.

Научниците забележале дека западните ветрови започнале да се подигнуваат и да го блокираат движењето на источните ветрови во текот на половина година, додека повторно не се вратиле во нормала во јули 2016 година.

Њуман и неговиот тим сега се обидуваат да ги утврдат причините и можните последици од овој чуден настан. Тие сметаат дека феноменот може да е резултат на силното влијание на климатскиот циклус Ел Нињо кој беше особено изразен кон крајот на минатата година и почетокот на оваа година.

Сепак, потребно е да се спроведе дополнително истражување со цел да се утврди дали појавата била случајно отстапување или знак дека временските услови на Земјата неповратно се менуваат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука