X
 21.10.2022 Економија

Како Југословените се бореле со поскапувањето во 1987 година?

Светот се соочува со историски нивоа на инфлација поради војната во Украина. Сепак, ова не е првпат како светската економија се соочува со растечки цени. Ова се случило во поранешна Југославија во 1987 година.

Хрватскиот медиум „Индекс“ во соработка со веб-страницата „Југопапир“ објави текст од таа година во кој жителите на поранешна Југославија ги коментираат тогашните покачувања на цените, особено на млекото, месото и на горивото. Станка Јовановиќ, наставничка од Зеница, изјавила дека не била загрижена за поскапувањето на месото бидејќи во замрзнувачот имала резерви за неколку месеци.

- И така експертите за исхрана сè почесто нè предупредуваат дека јадеме лоша храна, па кога веќе е така, не е голема штета за здравјето да се откажеме од месото - изјавила таа.

За Петар Станковиќ, пензионер од Ниш, произведувачите ги гледаат економските сметки, но истовремено забораваат дека се потрошувачи.

- Додека има снаодливи, има и богати, но ќе има и сиромашни - изјавил тој.

Милан Зечевиќ, комерцијалист од Белград, открил дека мора да го користи автомобилот за работа, но очекува да се снаоѓа за да преживее.

- Страшно е што бензинот поскапи, но не затоа што луѓето сега помалку ќе ги користат своите автомобили, туку затоа што таа, навидум мала ставка, ќе повлече поскапувања на низа други производи и услуги - поскапува транспортот, производството на сето она што во тој синџир е врзано со нафтените деривати. Но веројатно некако и тоа ќе го преживееме, ќе се снаоѓаме како и досега бидејќи ова не е прво поскапување - изјавил тој.

Во текстот има изјава и од Елена Герасимова, работничка од Скопје.

- За детето мора да имам и млеко и месо. За нас, постарите, ако остане. Што друго да правам освен да се жалам, но и од тоа нема корист! - изјавила таа.


Фото: Pixabay

Јелана Хорват била ученичка од Загреб која дала изјава за медиумите на темата.

- Знам дека тато и мама постојано нешто зборуваат за скапотија. И знам дека секогаш кога ќе побарам нешто да ми купат, тие одговараат дека немаат пари - изјавила таа.

Радослав Милошевиќ од Велика Плана, кој со сопругата живеат само од неговата пензија, открил дека тие станале речиси вегетаријанци бидејќи месо јадат многу ретко.

Лилјана Радосавлевиќ, професорка од Сараево, открила дека одамна се лишува од секојдневно јадење со месо, излегување и купување гардероба.

- Молчам, трпам и се обидувам да пронајдам барем нешто убаво во овој мрачен живот. Се надевам дека сепак ќе дојдат подобри времиња, ако не за мене, барем за моето дете - изјавила таа.

Според Владимир Попов, службеник од Осиек, поскапувањето го спречувало да размислува за основање семејство.

- Во години сум кога би требало да основам семејство, но не смеам ниту да помислам на тоа бидејќи и вака едвај врзувам крај со крај. За деца засега не смеам ниту да размислувам бидејќи, според мене, тие не би требало ништо да трпат - изјавил тој.

Конечно, во текстот има и изјава од студент.

- Каква ли ќе биде сега храната во менза! Ако, ќе се снајдам некако, ќе одам почесто на ручек кај девојка ми или ќе се најадам кога ќе одам кај родителите - изјавил Марјан Вогринц, студент од Ниш.

Извор: Index
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија