X
 21.10.2024 Живот

Три европски града кои ќе завршат на врвот на вашата листа на есенски дестинации

Есенските дестинации имаат посебен шарм кој привлекува патници од целиот свет. Патувањето во ова годишно време нуди совршена прилика за шетање по древните европски улици додека пријатните температури создаваат идеални услови за истражување.

Многу градови и дестинации стануваат живописни платна за есенските бои - од шумските стази кои водат до скриени езера, до градските паркови во кои паѓаат лисја, создавајќи романтични глетки.

Од европските метрополи како Париз, Виена, Прага, кои во есен се претвораат во вистински уметнички дела, до природните бисери како езерото Блед или скриените бисери во Алпите, во секоја дестинација во овој период има некоја посебна атмосфера.

Во продолжение издвојуваме три града кои ретко се наоѓаат на врвот на листите на патниците, иако заслужуваат повеќе внимание.

Вроцлав, Полска

Вроцлав, бисерот на реката Одра, наесен зрачи со топлина која го преплавува секој дел од овој шармантен град. Додека лисјата ги менуваат боите, Вроцлав се претвора во сликовит мозаик кој мами на откривање.

Срцето на овој град, средновековниот плоштад Ринек, поплочен со калдрма и опкружен со шарени фасади, е неизбежна дестинција при посетата на градот.

Една од најмагичните прошетки е низ Остров Тумски, најстариот дел од градот, сместен на мал остров. Мостовите што го поврзуваат островот со остатокот од градот изгледаат посебно романтично наесен, кога се опкружени од златни лисја.

Есента во Вроцлав е идеална прилика и за посета на Јапонската градина, еден од најубавите паркови во градот, кој е полн со егзотични растенија и за време на есента е магичен.

А по долгата прошетка можете да седнете во некое од многуте кафулиња покрај реката и да се напиете топол чај или топло чоколадо.



Бриж, Белгија

Бриж во есен изгледа како град од бајките. Каналите кои се протегаат низ градот ги релектираат прекрасните бои на есента, а куќите од цигла и камен изгледаат како да ги чуваат тајните од минатите векови.

Прва станица во овој град треба да ви биде плоштадот. Камбанаријата доминира над главниот плоштад, од каде што има совршен поглед на целиот град. Понатаму ќе поминете покрај старите мостови кои поминуваат над каналите, водејќи ве кон сликовитите градини.

Насекаде има мали шармантни работилници со прочуената белгиска чоколада и тешко е да се избере каде да се застане. За среќа речиси во секоја продавница нудат бесплатна дегустација, па бидете сигурни дека нема да сте гладни при целодневната прошетка.



Салцбург, Австрија

Салцбург е прегрнат од планини, кои наесен ја менуваат бојата во топли жолто-кафеави тонови.

За посетата да биде како од бајките на браќата Грим, неопходно е да се посети населбата Алтштат. Улиците поплочени со камен ве водат низ лавиринт со средновеновни згради чии фасади на есенското сонце делуваат како да се насликани со златен прав. На секој ќош се чувствува миризбата на свежо печиво и кафе, а по долга прошетка нема ништо поубаво од една топла штрудла со јаболка.

Една од најубавите прошетки е кон познатата тврдина Хоензалцбург. При качувањето погледот на градот станува сè поимпресивен - црвени крововите, црквите и реката Залцах, која минува низ градот, изгледаат како да се насликани.

Задолжителна е и посетата на градините кај палатата Мирабел, но и на родната куќа на Моцарт. Градот изобилува и со музеи, па ако врне, дефинитно треба да се упатите кон некој од нив.



Извор: Euronews
Фотографии: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот