X
 21.12.2019 Наша тема

Студентите на УКИМ сѐ поблиску до избор на својот нов лидер

До вчера само пет факултети имале доставено официјални одлуки до УКИМ за избор на студентски претседатели на факултетите, а за да се конституира Универзитетското студентско собрание, треба да достават уште 18 факултети

Студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се сѐ поблиску до моментот да изберат свој студентски лидер, кој треба да ги застапува нивните права. Во изминатите неколку недели на сите 23 факултети што функционираат во рамките на Универзитетот се организираа избори за претседател и членови на студентските собранија. Следна фаза на процесот е да се конституира Универзитетското студентско собрание. Од УКИМ објаснуваат дека би сакале до крајот на наредната недела да ја реализираат оваа фаза. 

- За да го конституираме ова тело, треба од сите 23 факултети да ги добиеме официјалните одлуки за избор на претседатели. Засега имаме добиено само од пет и затоа ги повикуваме факултетите да бидат поажурни за да одиме на следната фаза - велат од Ректоратот на УКИМ.  

Последни вчера гласаа студентите од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје. 

Како што дознава Факултети.мк од организации што ги следеа изборите, поминале во добри услови, без големи нерегуларности. „Младински образовен форум“, кој ги надгледуваше изборите, деновиве ќе излезе со конечни бројки и заклучоци.

Неофицијално, минималниот одѕив бил 20 отсто од студентите, а најголем 60 отсто.
- Иако првично се чини дека ова не се големи проценти, ако се знае дека на последните студентски избори одѕивот бил 5 отсто, ова може да се смета и за успех - вели Борјан Ефтимов, претставник на Студентската организација на Правниот факултет во Скопје.

- Овој начин на избор на студентски лидер е многу подобар. Прво, затоа што студентите си ги познаваат своите колеги и знаат за кого сакаат да гласаат. Можноста за влијание и притисоци се сведува на минимум. Сега кога ќе бидат избрани претседателите на собранијата на секој факултет, по двајца претставници ќе бидат избрани за Универзитетското собрание. Се надевам дека набрзо ќе се конституира Универзитетското студентско собрание и на тој начин студентите ќе добијат силно претставничко тело кое ќе се бори за нивните интереси - вели Ефтимов.

Овие студентски избори студентите ги чекаат повеќе од една година. Според Статутот на УКИМ, Универзитетското студентско собрание го сочинуваат по двајца претставници од факултетските студентски собранија со мандат од една година, со право за уште еден избор. Претседателот на Универзитетското студентско собрание се избира од редот на именуваните претставници во собранието. И тој се избира за време од една година, со право за уште еден избор.

Последен претседател на студентите беше Давор Поповски, кој беше избран на студентски избори во 2016 година. Со Законот за високо образование, донесен во 2018 година, се промени и начинот на избор на студентски лидер и студентското организирање. 

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема