Кандидатите за избор на нов Ректор на УКИМ, универзитетските професори Атанас Кочов, Ненад Новковски, Александар Димитров, Коле Василевски и Елена Думова Јованоска вчера вечер одржаа дебата во организација на Професорскиот пленум на која ги изложија своите програми и своите ставови.
Во првиот дел од дебатата кандидатите зборуваа за Законот за високо образованија, автономијата на Универзитетот, одржливото финансирање и обезбедување квалитет на наставната и научно-истражувачката дејност и творештво на УКИМ, додека во вториот дел тие одговараа на прашањата.
Дебатата започна во 18 часот, а се одржи на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ.
Факултети.мк направи интервјуа со секој од кандидатите за Ректор, во кои тие детално ги објаснија нивните цели и нивните програми за работа со кои тие се кандидираат за оваа функција.
Професорот
Коле Василевски, кој е акутелен проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ и професор на Шумарски факултет во Скопје, истакна дека приоритет ќе му биде перманентното развивање на образовната и научно-истражувачката дејност на Универзитетот и негово афирмирање во Македонија и надвор од Македонија. Исто така, тој ќе се залага за нов модел на финансирање на Универзитетот со кој ќе се обезбеди финансиска автономија на Универзитетот односно самостојно одлучување за финансиско-материјалните средства.
Професорот
Никола Јанкуловски, кој предава Хирургија на Медицински факултет и е декан на истиот. Професорот Јанкуловски го изнесува својот став во врска со независноста на Универзитетот. Според него, најважно е да се стави крај на систематските обиди на универзитетите да им се одземе тоа што им припаѓа – независноста, автономијата, слободната мисла. Затоа тој предлага Закон за високо образование, донесен со непосредно вклучување на универзитетските професори и студенти, односно оние за кои што е наменет.
Професорот
Атанас Кочов, кој моментално е декан на Машинскиот факултет и професор на истиот, се залага за Универзитет во чекор со времето. За него е доста важен процесот на создавање на високообразован кадар, подготвен со знаење, иновативност, креативност, уметност и претприемачки дух - мото од кое ќе бидат водени сите единици на Универзитетот. Исто така, тој вели дека потребно е да се формира посебно Министерство чија задача ќе биде да помогне во мобилизирање на Универзитетите со што ќе се придонесе во реализацијата на повисоките академски критериуми.
Професорот
Александар Димитров, редовен професор на Технолошко металуршкиот факултет на Институтот за Екстрактивна Металургија, вели дека ќе се залага за развивање на Универзитетот како општествено одговорна институција која ќе обезбеди еднакви образовни можности за сите. Тој нагласи дека една од поголемите грешки направени во последните 15 години е нарушувањето на автономијата на Универзитетите, а за решавање и надминување на последиците, потребно е подеднаква заложба на Министерството за образование и наука и менаџментите и на државните универзитети. За целосно имплементирање на автономијата на Универзитетот неопходно е реформирање на процесот на финансирање на високото образование во Република Македонија.
Професорот
Ненад Новковски, редовен професор на Природниот математички факултет вели дека неговиот најважен приоритет ќе биде враќањето на академската автономија преку почитување на творечката единка, професорот, како и обезбедување на ресурси за истражување. Според него најголемата штета нанесена врз високото образование беше обидот за воспоставување на екстерно оценување во високото образование и оддалечување од европските образовни системи преку укинувањето на системот 3+2+3. Тој исто така го критикува нарушувањето на автономијата преку мешањето во методологијата на наставата.
Професорката Елена Думова Јованоска е редовна професорка на Градежниот факултет на Катедрата по Теорија на конструкции, ги критикува измените кои пред навлегоа во зоната на автономијата на универзитетите како и работата на Одборот за акредитација кој не ги следеше основните начела и принципи на европските документи и тела кои ја уредуваат работата на ваков вид национални институции. Според неа, финансиската економија е единствениот предуслов за Универзитетот да има целосна автономија. Таа ќе се залага и за подобрување на комуникацијата на Универзитетот со државата.
Нов Ректор законски треба да се избере до 15 јули.
Тука можете целосно да ги прочитате интервјуата со кандидатите за Ректор на УКИМ