Вчера, во Heidelberg Faculty of Skopje, се одржа настанот „Christmas Talks with Heidelberg & AHK“ на тема Предизвици на стопанството во 2024.
Четврта година по ред истакнати економисти, банкари и меѓународни финансиски и бизнис-експерти дискутираа со цел да се промовираат предлози и идеи до јавните чинители на економски политики во македонското стопанство.
Со свој поздравен говор настанот го отворија Антје Ванделт, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, и проф. д-р Синиша Наумоски, претставник на УО на Heidelberg Skopje Business School и член на Советот во НБРМ.
На отворената панел-дискусија што следуваше на тема макроекономските и бизнис-предизвици за следната година, активно учествуваа претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе банка АД Скопје, Санел Кустурица, од позиција на експерт, заедно со проф. д-р Глигор Бишев, претседател на Фискалниот совет, и д-р Златко Муцунски, генерален директор на „Порше Македонија“, и професорот Ванчо Узунов, а под модераторство на проф. д-р Синиша Наумоски.
- И покрај позитивните сигнали на глобално закрепнување што се огледуваат преку очекувањата за значајно зголемување на проценет раст на БДП и намалување на инфлацијата (на ниво на ЕУ) како наш најзначаен трговски партнер за следната година, сепак глобалното економско опкружување во 2024 година најверојатно ќе остане неизвесно и полно со предизвици, па затоа е неопходна приспособливост, фокусираност, дисциплинираност и подготвеност на клучните креатори на економските политики, приватниот сектор и сите засегнати страни - порача Кустурица, при што истакна дека сè уште присутното високо ниво на инфлација наметнува спроведување поцврста монетарна политика и внимателна примена на фискалната политика.
- Макроекономските предизвици секако ги диктираат и предизвиците со кои ќе се соочува бизнисот во следната година, која ќе биде полна со ризици и неизвесности и ниту малку лесна за бизнисот. Покрај предизвиците со кои нашите компании се соочуваат, кои се екстерно детерминирани и се поврзани со економските трендови кај нашите најзначајни трговски партнери, сепак најголемиот предизвик пред кој се исправени компаниите, во моментов но и во догледна иднина, е поврзан со вработените. Видливите трендови на заминувањето на вработените од државата, како резултат пред сè на отсуството на перспективи, има значајно влијание врз идните перспективи на компаниите. Забрзувањето на евроинтеграциските процеси на државата е единствена перспектива што може да создаде потребен баланс во оваа смисла – истакна првиот човек на Шпаркасе банка АД Скопје.
Тој потсети дека 2024 ќе биде изборна година, како на глобално ниво во клучните развиени економии, САД, Велика Британија, Европскиот парламент, така и кај нас, што само по себе носи зголемување на неизвесностите околу понатамошен дискурс на главните носители на политиките. За деловната политика на Шпаркасе банка во 2024 година, Кустурица oчекува амбициозен и оптимистичен раст од 10% во кредитирање на компаниите без разлика на сите макроекономски индикатори што се ревидираа во попесимистички план. ,
- Следејќи ги сите актуелни случувања од геополитички и од економски карактер, трендовите и циклусите, еден од клучните приоритети ќе биде финансиска поддршка на зелена и на дигитална транзиција на компаниите. Што се однесува до висината на каматните стапки, очекуваме тие да се намалат во однос на постојното ниво, но сепак во линија на движењето на инфлацијата, нивото на каматните стапки сè уште нема да се врати на прединфлациското ниво – порача претседателот на УО на Шпаркасе банка АД Скопје.
Во своето излагање ги истакна и значењето и предизвиците поврзани со „ESG“, при што потенцираше дека компаниите мора што поскоро да разберат дека трендовите во оваа смисла се незапирливи, со што се отвора потреба од итно градење на потребните интерни капацитети, како предуслов за настап на определени пазари, пред сè европските, каде што усогласеност со овие стандарди е императив.
Кустурица посочи дека тимот на банката со која менаџира веќе има одличен план за подигнување на банкарските услуги на многу високо дигитално ниво и поедноставување на работењето преку значителни инвестиции во напредни и автоматизирани системи и вклучување роботи.
Истовремено со овој процес неизбежно е вложување во своите вработени, кај кои со промената на банкарската услуга ќе се сменат структурно и потребните вештини за успешно функционирање.
(Комерцијална објава)