(Скопје, 21.1.2016 г.) Менаџментот на Шпаркасе Банка Македонија и Винер Лајф го најавија проширувањето на соработката помеѓу двете компании преку претставување на најновиот производ – ПРОФИТ.
Покрај досегашната понудена палета производи, која претставува комбинација на кредити и животно осигурување што Шпаркасе Банка Македонија ги нуди во соработка со Винер Лајф, се воведува уште еден производ – ПРОФИТ. Станува збор за производ на мешовито животно осигурување со штедна компонента. Кај овој производ во случај на настанување на осигурениот настан или во случај на доживување, на осигуреникот му се исплатува осигурената сума зголемена за пропишана добивка. На тој начин им се дава можност на клиентите да обезбедат сигурност за своите најблиски и притоа да заштедат.
Со воведувањето на производот, Шпаркасе Банка Македонија станува вистински финансиски „супермаркет“, каде што на едно место клиентот ќе има можност да користи и други финансиски услуги покрај традиционалните банкарски производи и услуги.
„Шпаркасе Банка Македонија е современа банка, секогаш насочена кон следење на најновите светски банкарски трендови, со цел на своите клиенти да им обезбеди што поголема палета производи достапни на едно место. Досегашната успешна соработка со Винер Лајф ja прошируваме со уште еден производ, со што Шпаркасе Банка Македонија станува место на кое на нашите клиенти ќе им бидат понудени и други финансиски услуги, покрај традиционалните банкарски услуги. Шпаркасе Банка Македонија преку понудениот производ уште еднаш докажува дека е банка посветена на семејството. Нашата заложба e континуирано да нудиме на пазарот иновативни решенија за клиентите во насока на своето мото ‘Банка на вашето семејство’“, изјави г-ѓа Викторија Јовановска, директор на Секторот за Управување со физички лица во Шпаркасе Банка Македонија.
„Досегашната соработката со нашиот партнер Шпаркасе Банка Македонија беше врз основа на кредитни производи на Банката во комбинација со полиси за животно осигурување. Овие производи се исклучително барани и наменети пред сè за клиентите што бараат кредитирање. Идејата да им овозможиме на клиентите на шалтерите во Банката да користат и други финансиски услуги на едно место, всушност го креираше новиот производ ПРОФИТ.
Успеавме да креираме атрактивен производ наменет за македонскиот пазар. Преку овој производ клиентот истовремено ги инвестира своите средства и врши осигурување на својот живот. Начинот на плаќањето на премијата е едноставен, односно таа се уплатува еднократно во моментот на склучување на осигурувањето, со што инвестицијата на клиентот е сигурна бидејќи во самиот производот е содржана валутна клаузула.
Високо квалификуваните и професионални експерти во Шпаркасе Банка Македонија секогаш го нудат најдоброто решение на своите клиенти. Конечно со воведувањето на производот ПРОФИТ се остварува лесен пристап до целиот спектар на реални финансиски производи дизајнирани согласно потребите на клиентите“ изјави г-дин Бернд Ахац, Член на Управниот одбор на Винер Лајф.
Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје е дел од Шпаркасе и Ерсте Групацијата која се состои од 47 штедни банки и која бележи речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Р. Австрија. Воедно таа е една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратешка ориентација кон регионот на Западен Балкан придонесува и Шпаркасе Банка Македонија да претставува доверлив партнер за своите клиенти. Зaедно со останатите банки-ќерки во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, е дел од најсеопфатните банкарски мрежи во регионот. Штаермеркише Шпаркасе Групацијата со својата билансна сума од 14,4 билиони евра, 6.200 вработени, 500 експозитури и регионални центри и 14.000 банкомати опслужува околу 2,4 милиони клиенти во Југоисточна Европа.
Винер Лајф – Виена Иншуренс Груп Скопје е осигурителната компанија за животно осигурување, основана во 2011 година, како дел од осигурителната групација Vienna Insurance Group. Vienna Insurance Group е водечка осигурителна групација во Централна и Источна Европа во која оперираат над 50 осигурителни компании со годишна премија од над 9 милијарди евра. Македонската компанија во својата деловна стратегија се придржува кон строгите и прецизни деловни принципи. Со квалитетните и конкурентски производи, Винер Лајф на своите клиенти им нуди финансиска сигурност и гарантира целосна безбедност на инвестираните средства.