Што ако наместо часовник, имате сензор потенок од вашата кожа, ставен на вашата рака кој постојано би ви го кажувал времето, температурата и вашите витални знаци? Со едноставен поглед кон раката ќе можете да ги прочитате сите ваши пораки.
Ова е навистина луда футуристичка идеја, меѓутоа истражувачите од Универзитетот во Токио работат на дизајн за ваков уред. Тие развија тенки електронски сензори кои ги нарекуваат „е-кожа“.
„Е-кожата“ е ставена врз вашата рака со ултра-тенко лепило на која се прикажани броеви и букви во различни бои, а дури и може да го мери вашиот пулс и нивото на кислород во крвта. Истражувачите ја опишаа е-кожата во списанието „Science Advances“.
Тие ја дизајнирале е-кожата бидејќи нашите паметни телефони денес се премногу гломазни.
„Каков би бил светот ако би можеле да се прикажува нивото на стрес, емоциите или неудобноста на нашата рака? Дополнително на тоа, нема да мораме да носиме уред со нас постојано, и ќе го подобриме начинот на кој комуницираме со оние околу нас“, вели Такао Сомеја, еден од истражувачите.
Секако, оваа технологија има долг пат додека излезе од лабораторијата и се најде на нашите раце. Технологијата покренува многу прашања за кои научниците се`уште немаат одговорено, како на пример како лепилото ќе и` овозможува на кожата да дише и дали е удобно, издржливо и безбедно.
Дали ние постојано треба да го следиме нашиот пулс и нивото на кислород во крвта? Дали постои штета од електрониката врз нашата кожа? Дали е подобро од паметен часовник? Истражувачите треба да ги разгледаат и одговорат прашањата.