X
 22.04.2018 Наша тема

Мал подземен град – ѕирнете во подрумот на Филозофскиот факултет

Низ годините многу простории се преградени, преадаптирани. Така ги уништиле и чешмичките, кои беа распоредени на многу места кога јас бев студент. Затоа претходниот декан Горан Ајдински направи фонтани. Целиот објект е од бетон, па воздухот мора да има влага, вели деканот, проф. Ратко Дуев

Мал подземен град врз кој поминале илјадници студенти сосема несвесни што има под нивните нозе... Вкопан дваесетина метри во земја, стотици тони бетон излиени во цврста, железна арматура. Наместа ѕидовите се дебели и повеќе од еден метар. Велат, ако некој реши да го урне овој објект, тоа ќе чини повеќе отколку да се изгради одново.


Деканот, проф. Ратко Дуев

Филозофскиот факултет во Скопје е дел од комплексот факултети каде што е сместен и Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кај скопска Гази Баба. Граден во 70-тите години, во стилот на бруталистичката бетонска архитектура, ова е еден од неколкуте вакви стилски објекти изградени во Скопје. Автор на проектот е словенечкиот архитект и академик Марко Мушич. Во комплексот во посебни единици се сместени и Правниот, а наспроти него, и Економскиот факултет.


Првиот план за студентски град во Гази Баба

Врата на приземјето покрај која сум поминала стотици пати додека студирав. Никогаш не претпоставив дека води до еден друг, подземен град, слично на лавиринт. Вратата ја отклучува магационерот Боге Смилески. Се симнуваме по скалите, таванот е низок. На деканот, проф. Ратко Дуев, му е најтешко за симнување бидејќи е највисокиот меѓу нас.
Скалите водат во огромен лавиринт. Десно една двокрилна, сива, нова врата.
- Го искористивме овој простор. Тука ја сместивме целата архива на Филозофскиот факултет – објаснува Дуев.

 При последниот силен земјотрес ѕидовите „не мрднале“

Огромни системи за вентилација, цевки, еден цел бетонски ѕид со табла за електрична инсталација. „Свеж ваздух“, „Ваздух повратни за мешање“. На вентилациите со големи букви се напишани функциите, за одржувачите полесно да се снаоѓаат. Јас ги гледам како историја, како дел од нашето минато. Напишани во времето кога српскохрватскиот јазик беше службен на територијата на цела Југославија.



Клупи за расход покриени со прашина, полици за книги, огромна пумпа за вода. И денес работи. На подот изданија „Македонскиот јазик денес“ наспроти „Зборник на трудови во чест на Гане Тодоровски“. Ми текнува на податокот што го објавивме пред неколку дена - дека во Македонија 440 училишта немаат библиотеки...

- Низ годините многу простории се преградени, преадаптирани. Така ги уништиле и чешмичките, кои беа распоредени на многу места кога јас бев студент. Затоа претходниот декан Горан Ајдински направи фонтани. Целиот објект е од бетон, па воздухот мора да има влага. За денешни услови ова е нефункционален објект. Проблем е енергетската ефикасност - многу е топло налето, а зиме не можеме да го загрееме. Има големи проблеми кога се монтираат клима-уреди поради цврстината на бетонот. Но, друго било времето кога бил граден објектот. Бетонот е најдобра изолација од радијација, водата е најдобра деконтаминација. Веројатно се мислело и како да се заштити младината, интелигенцијата – раскажува Дуев.


Било одлично место за вежби

Последен пат подземните простории се користеле за СВОЗ (Сите во одбрана и заштита). Дуев вели дека капацитетот е огромен. Со оглед на тоа што од подземните простории се излегува на главна улица, тие може да се искористат, да се изнајмуваат.

Магационерот Смилевски раскажува како реагирале студентите преклани, кога беа последните посилни земјотреси во Скопје.
- Стаклата малку се затресоа, другото не мрдна. Трчаат студенти надвор, им велам: „Влезете внатре, најбезбедни сте, само внимавајте стакло да не падне“ – раскажува тој.

Требало да биде студентски град

Филозофскиот факултет во Скопје бил основан по завршувањето на Првата светска војна, во 1920 година, кога вардарскиот дел на Македонија се нашол под српска административна власт. По Втората светска војна, во 1946 година, Филозофскиот факултет бил зародишно јадро на современиот македонски универзитет. Факултетот работел во Народната библиотека на Македонија, на кејот на Вардар. Во 1947 година била донесена одлука да се гради универзитетски комплекс во Гази Баба, замислен да биде како „центар на македонската наука“.


Зградата кај „Холидеј ин“, каде што бил Филозофскиот факултет до катастрофалниот земјотрес

Во 1949 година е донесен Законот за основање Универзитет во Скопје. Во 1952 година Универзитетот се вселил во големата зграда покрај Вардар (каде што е денес хотелот „Холидеј ин“) сè до катастрофалниот земјотрес во 1963 година. По земјотресот, до 1967 година Филозофскиот факултет работел во зградата на Педагошката академија, а потоа до 1974 година, во зградата на Шумарскиот факултет. Во 1974 година се вселил во новата зграда, проектирана од архитектот Мушич. Планирајќи го универзитетскиот центар, тој се посветил на темелно студирање на македонската архитектура. Се инспирирал од нејзиното културно богатство, а како автор посебно внимание обрнувал на традицијата и симболите, каде што ги наоѓал вистинските вредности.

- Во меѓувреме се градат и другите локации, студентски домови, сите дисперзирани на различни места во Скопје. Веројатно по студентските протести во 1968 година се напуштила идејата за студентски град – вели Дуев.

Погледнете ги фотографиите од подземниот град на Филозофскиот факултет:





















Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема