X
 11.12.2018 Образование

Жените не се премиерки, мажите не работат како куќни помошници. Институтот за родови студии прослави 10-годишнина

Нашата мисија е да ги видиме двата пола еднакво вклучени во сите домени на општествениот живот и во јавната, но и во домашната сфера, вели проф. Сузана Симоноска, раководителка на Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје


„Родовата еднаквост не значи да се биде ист, да се изгубат физичките и биолошките разлики меѓу половите. Разликите се извор на меѓусебна привлечност. Родовата еднаквост подразбира еднакви услови и можности за двата пола токму поради нивните разлики“. Со овие зборови проф. Сузана Симоновска, раководителка на Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје, денеска се обрати пред присутните во полната свечена сала на факултетот, на одбележувањето една деценија од основањето на Институтот. Во рамките на свеченоста беа промовирани и две важни изданија, последните две од петтомната едиција „Историја на жените на Западот“ на македонски јазик.

Проф. Сузана Симоновска

- Родовите студии често се доживуваат како да сакаме да ги испомешаме половите - од жените да направиме мажи, од мажите жени, освен ако тоа не е лична желба на поединците. Наша мисија е да ги преиспитаме наметнатите улоги што погрешно се доведуваат во корелација со половата припадност и се причини за понеповолната положба во која се наоѓаат жените. Во тој контекст да – сакаме да ги испомешаме улогите и да ги поместиме мажите од удобниот комфор во кој жените ги опслужуваат или им стравуваат. Нашата мисија е да ги видиме двата пола еднакво вклучени во сите домени на општествениот живот и во јавната, но и во домашната сфера - рече Симоновска.

Таа рече дека десетгодишниот јубилеј се одбележува во светлината на јубилејните 7 децении од усвојувањето на универзалната Декларација на човековите права и на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, одбележан со кампања која траеше 16 дена. Симоновска објасни дека правата на жените се неразделен дел од универзалните човекови права и тие се темелат на признанието дека жените искусуваат неправда единствено поради својот пол. Родовата рамноправност во нашата држава е загарантирана законски со Уставот и со повеќе закони, стратегии и акциски планови кои ја третираат родовата проблематика.
- Поради законската регулатива, често слушаме: „Што сакаат жените, кога ги имаат сите права?“ Права има, ама жените ги нема - ги нема како претседателки или премиерки на држава, ги нема еднакво како мажите во политичките партии, како лидерки на партиите, на раководни места или на одлучувачки позиции. Како што, за волја на вистината, ги нема и мажите како негуватели и воспитувачи во градинка, како дадилки, куќни помошници итн. Сè уште жените се тие што главно го користат породилното отсуство и се обидуваат да го усогласат својот семеен со професионален живот - рече Симоновска.

Според неа, жените и девојчињата сè уште се жртви на семејно насилство, изложени се на мобинг и на различни форми на индиректна дискриминација токму поради својот пол.
Законите се нужен, но не и доволен услов за да се исклучи родовата дискриминација.
- Со закони не се менува свеста на луѓето, ниту се менуваат традиционалните патријархални ставови и вредносни судови за машкото и женското, нивното место и улога претворени во митови својствени не само за мажите, туку и за самите жени кои, пак, се покажуваат како најголема препрека за остварувањето на една фактичка родова еднаквост - рече Симоновска.

Присутните ги поздрави деканот, проф. Ратко Дуев

Според деканот на Филозофскиот факултет, проф. Ратко Дуев, родово еднакво општество е она во кое не постои зборот род, каде што секој може да биде свој.
- По иницијативата на група професори кои денес се меѓу нас, идеалот беше преточен во студиска програма и основање на нов Институт за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје, кој почна со работа во учебната 2008/2009 година. Воведувањето беше пионерски чекор во високото образование не само во нашата земја туку и пошироко, како први организирани додипломски студии кои интегрално ја опфаќаат родовата проблематика. Имајќи ја предвид клучната улога на образованието во борба против сите облици на дискриминација, со родовите студии конечно се означи институционалниот напредок на Филозофскиот факултет во борбата против родовата дискриминација – нагласи Дуев.

Уписот на студентите во учебната 2013-2014 беше ставен во мирување и повторно беше активиран четири години подоцна, во учебната 2017/2018.
- Сето тоа беше резултат на неразбирање на одредени лица за профилот што го нуди оваа студиска програма. И покрај дисконтинуитетот, за атрактивноста на оваа студиска програма сведочи бројката од запишани 324 студени, од кои 193 дипломирале – вели Дуев.

Проф. Слободанка Марковска ги промовираше новите изданија

Промоција на 4. и 5. том од едицијата „Историја на жените на Западот“, а ги промовира професорката Слободанка Марковска, првата раководителка на Институтот.
- Ова не е само наш јубилеј. Подвиг е за општеството што Институтот опстои десет години, во оваа измината турбулентна деценија од нашиот развој. Пожелувам уште долги години да трае, не само поради нашиот политички контекст, туку поради сè
што се случува во светот пошироко, појавувањето на ретроградни тенденции, нам насушно ни требаат експерти од овој профил на образование - рече Марковска.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование