X
 22.05.2017 Живот

Убиството кое ја натера Италија конечно да се пресмета со мафијата

Убиството на најпознатиот италијански борец против мафијата, Џовани Фалконе, пред 25 години ја потресе земјата, но истовремено ја поттикна на конечна и сериозна пресметка со мафијата.

Бруталното убиство на Фалконе на 23 мај 1992 година, додека заедно со сопругата и тројца припадници на неговото обезбедување се движеше по автопатот кон Сицилија, ја шокираше нацијата. Два месеци подоцна, во иста автомобилска екплозија, ликвидиран е и неговиот најпознат колега, Паоло Борселино.

Зад нападите стоеше познатата Коза Ностра.

Франческо ла Ликата, новинар и автор кој често пишува за мафијата, тврди дека овие убиства биле трауматични за Италија исто како и терористичкиот напад на кулите-близначки во Њујорк, во 2001 година. „Тоа беше нашиот  11 септември“ , изјави тој за државната телевизија РАИ.

Дваесет и пет години по смртта на Фалконе, се чини дека Коза Ностра значително заслабна како организација, а повеќето нејзини водачи сè уште се во затвор.

Затоа пак зајакнаа други мафијашки структури, како ’Ндрангета од Калабрија, која е проширена сè до Канада и Австралија, и денес претставува  најмоќна мафијашка организација.

„Атмосферата во Реџо Калабрија денес е слична со онаа во Палермо пред триесетина години. ’Ндрангета е длабоко вкоренета во економското, општественото и политичкото ткиво на Калабрија“, нагласи државниот обвинител за мафија и тероризам, Франко Роберти.

Во осумдесеттите години од минатиот век, Фалконе воведе нов пристап во истрагите, откако сфати дека Коза Ностра не е обична група криминалци туку одлично организирана структура, па започна со следење на трагата на парите, користејќи ги сведочењата на одбегнатите мафијаши, и во соработка со странски безбедносни агенции создаде темели на нова државна институција за борба против мафијата која наликува на американската ФБИ.

Денес  Италија тврди дека има најстроги закони против мафијата кои вклучуваат  можност за запленување на нелегални имоти, програма за заштита на сведоци, и затворски институции од каде мафијашките шефови немаат можност  да комуницираат со своите подредени.

Сепак, многумина италијански службеници предупредуваат дека отсуството на таква регулатива и во другите членки на ЕУ, им помага на ваквите организации во лесно дислоцирање на нивните седишта.  Германија тоа го сфати во 2007 година кога пред една пицерија во Диусбург беа застрелани шестмина како осветничка мисија по налог на ’Ндрангета. Сојузната канцеларија на кримполицијата БКА таа калабриска организација ја прогласи за доминантна криминална група во Германија за 2015 година.

Европскиот парламент во септември минатата година донесе резолуција со која бара владите на државите-членки на Унијата да го следат италијанскиот пример во криминализацијата на таквите оргзнизации, со што ќе им се овозможи на обвинителите  полесно да поднесуваат обвиненија против осомничените, иако не се затекнати во вршење на кривично дело.

Италија повикува и на востановување на институција – јавен обвинител на ЕУ, што според некои проценки би можело и да се реализира до крајот на годинава. Канцеларијата ќе има овластувања да истражува и прекуграничен криминал, како и финансиски криминал против Европската Унија.

Но, дали ова значи дека постои начин да се уништи  мафијата во корен?  Во една своја изјава од 1991 година, Фалконе истакна дека „мафијата не е непобедлива“.  „Мафијата е човечки феномен, и како сите други такви феномени, таа има свој почеток и свој крај“, додал тој.

Но, податоците од анкетите не го делат неговиот оптимизам.  Анкетата што е спроведена во април во дел од Италија од страна на Centro StudiPioLattore покажа дека 47 проценти од италијанските средношколци ја сметаат мафијата посилна од државата, а помалку од 30 проценти сметаат дека таа може да биде поразена.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот