X
 28.02.2019 Технологија

Во американските судови сѐ почесто има случаи во кои главен доказ се емотикони

Во Северна Калифорнија обвинителите се обидуваат да докажат дека човек фатен во случај на проституција е виновен за подвeдување, а како дел од доказите се серија објави на „Инстаграм“ кои тој ѝ ги испраќал на една жена. Во една објава е наведено: „Тимската работа е работа од соништата“. На крајот има емотикони од високи потпетици и вреќа пари. Обвинителите велат дека пораката посочува на работен однос меѓу двете лица. Одбраната, пак, вели дека може да значи дека обвинетиот се обидел да воспостави романтична врска. И кој е во право?

Емотиконите се одомаќинија во целиот свет како сликовен знак во онлајн-комуникацијата со кои би се изразиле емоции и со помалку знаци би се кажало повеќе. На судовите емотиконите сè почесто се појавуваат како докази.

- Во периодот од 2004 до 2019 година бележиме експоненцијален пораст на емотиконите, со повеќе од 30 отсто од случаите во кои се користени како доказ - вели Ерик Голдман, професор по право на Универзитетот „Санта Клара“.

Емотиконите досега многу ретко беа доволно важни за да можат да ја променат насоката на некој случај, но како што стануваат позастапени, двосмисленоста во прикажувањето на емотиконите и како ние ги интерпретираме може да стане поголемо прашање со кое судовите мора да се носат.

Емотиконите почнаа да се појавуваат на суд во 2004 година, главно во случаи на трговија на луѓе. Електронските бази на податоци на судовите не се поставени така што да можат да се носат со актуелните емотикони и тие не се појавуваат во сервисите на базите на податоци на случаите.

Емотиконите сега се јавуваат во сите видови казнени дела, од убиства до кражби. Кај убиствата емотиконите се користат како закана и служат како доказ кој сугерира каква е менталната состојба на убиецот и дали тој има намера да убие.

Во 2017 година во Израел еден брачен пар доби парична казна од илјадници долари откако судот заклучил дека емотиконите што му ги испраќал на управник на зграда посочуваат на намера да го изнајмат неговиот стан. По испраќањето на ентузијастичките пораки што содржеле низа емотикони со шампањ и конфети, тие престанале да одговараат на пораките на управителот и изнајмиле друг стан. Судот проценил дека парот се однесувал лошо, заклучувајќи дека емотиконите искажуваат голем оптимизам и намера да го изнајмат станот.

Сепак, сè уште е многу ретко во судски случаи да се интерпретираат и земаат предвид илустрирани знаци од онлајн-комуникацијата.

- Тие се појавуваат како докази, судот го прифаќа нивното постоење, но често не се материјални докази - објаснува Голдман.

Затоа многу судии ги исклучуваат емотиконите бидејќи сметаат дека тие не се важни за случајот. Исто така, нема експерти што би ги толкувале.

- Но емотиконите се клучен дел од комуникацијата во случаите каде што се користат транскрипти од онлајн-комуникацијата и треба да се земат предвид, а не да се прескокнуваат - истакнува Голдман.

Во случајот со проституција, експерт за трговија со луѓе бил повикан да сведочи. Тој објаснил дека високите потпетици и вреќата пари порачуваат: носи високи потпетици и заработи пари. Другата порака во која е испратен емотикон круна се толкува како „макрото е крал“.

Различното толкување на емотиконите претставува проблем за судиите. И во зависност од тоа каков телефон имате, тие може да изгледаат различно.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија