Бројот на умрените лица од насилна смрт во Македонија во 2022 година се намалил за 28,2% во однос на претходната година и изнесува 486 умрени лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Умрените од насилна смрт учествуваат во вкупниот морталитет со 2,2%.
Податоците на ДЗС покажуваат дека во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат несреќните случаи со 78,6%, самоубиствата со 20,2% и убиствата со 1,2%. Имено, од тие 486 лица кои минатата година починале од насилна смрт, 382 го загубиле животот во несреќни случаи, 98 извршиле самоубиство, а 6 лица биле убиени. Тоа е најнизок број на самоубиства и убиства од 1994 година.
Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, и во 2022 година поголемо учество имаат машките лица, и тоа 72,8%.
Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат умрените лица од други надворешни причини за случајна повреда со учество од 55,1% во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.
Кај категоријата самоубиства, најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација, со учество од 12,3% во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.
Во категоријата убиства, случаите кај кои смртта настапила поради обид за нанесување телесна повреда на неозначен начин учествуваат со 0,8% во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.