X
 22.07.2019 Наша тема

Инспекторот Илиевски поднесе прекршочна пријава за ДУТ и ректорот Амети

Илиевски продолжува со својата редовна инспекциска пракса, како што е предвидено во Законот за просветна инспекција и покрај тоа што неговите решенија се укинати од второстепената комисија

Вишиот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски, денеска поднесе прекршочна пријава во тетовскиот Основен суд, за Државниот универзитет во Тетово и ректорот Вулнет Амети.
Илиевски вели дека при редовниот инспекциски надзор на Правниот факултет при ДУТ утврдил дека тројца државни функционери - министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нихиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, незаконски напредувале во наставно-научни звања.

Тој на 27 јули извршил и контролен надзор, а денеска закажал т.н порамнување. Бидејќи тетовскиот универзитет не постапил согласно неговите барања-поништување на звањата на функционерите, тој денеска поднесе прекршочни пријави.
- Моите решенија не се испочитувани. Затоа денеска направив Записник за порамнување, како и барање за поведување на прекршочна пријава во Основниот суд во Тетово, за Државниот универзитет во Тетово и ректорот Вулнет Амети. Ќе поднесам кривична пријава и до Јавното обвинителство во врска со овие случувања, незаконското унапредување како и вршење на интелектуални услуги и земање на парични средства. Кривичната ќе биде поднесена против ректорот Амети и тетовскиот универзитет – вели Илиевски.
Од тетовскиот универзитет нема коментар за пријавите бидејќи се на колективен одмор.


Илиевски дава изјава после состанокот со дисциплинската комисија

Илиевски всушност продолжува со својата редовна инспекциска пракса, како што е предвидено во Законот за просветна инспекција и покрај тоа што неговите решенија се укинати од второстепената комисија (Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка). За оваа одлука Илиевски дозна во петокот, кога дисциплинската комисија во Државниот просветен инспекторат (ДПИ) предложи тој да биде казнет.


Вратените решенија на Илиевски

Илиевски, вели дека ќе преземе мерки и против второстепената комисија.

- И таа направила голем прекршок. Ги поништила моите решенија, кои тетовскиот универзитет ги нема официјално добиено. Имам доказ од пошта дека не ги примиле, писмата ми се вратени. Врз основа на кои решенија тие делувале, по кој Закон? И таа комисија, ако добила жалба од тетовскиот универзитет, таа е должна жалбата да ја препрати до првостепениот орган. Јас треба да дадам одговор на жалбата. Бидејќи се поминати сите рокови, тетовски универзитет не ги обжалил моите решенија во рок од 8 дена, прашувам врз која основа ја прифатиле жалбата? Ова правно правило го знаат студентите од прва година на факултет, а не второстепената комисија. За нивната одлука исто така ќе ја информирам и ќе покренам постапка пред Државната антикорупциска комисија и другите органи – вели Илиевски.

Инспекторот Илиевски сѐ уште го чека и решението односно предлог за дисциплинската мерка која во петокот ја донесе дисциплинската комисија во Државниот просветен инспекторат (ДПИ). Директорот Томе Спировски треба да одлучи дали и како ќе го казни Илиевски.
Тие одлуката ја донесоа по речиси четиричасовна расправа на која не присуствуваа новинарите бидејќи не им беше дозволено.
Портпаролот на ДПИ, Јане Николовски образложи дека комисијата утврдила дека е сторен прекршок и дека затоа предлага дисциплинска мерка за инспекторот, но не кажа за каков прекршок станува збор.

Граѓани, пак со онлајн-петиција му даваат поддршка на инспекторот Илиевски. За два дена се собраа околу 2000 потписи, а бројот на граѓани кои ја потпишуваат постојано расте. „Кажете еднаш засекогаш НЕ! за криминалот во Македонија“, стои во отворената петиција.



- Не знам за петицијата, но драго ми е што имам поддршка од граѓаните. Јас пораки и мејлови добивам од многу граѓани, професори, колеги. Ќе продолжам да го бранам јавниот интерес – вели Илиевски за Факултети.мк.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема