X
 28.10.2019 Наша тема

Народен правобранител: Спорно е како тројцата функционери добиле звања на Тетовски - има индиции за незаконски хонорари

Во врска со дисциплинската казна против инспекторот Илиевски, народниот правобранител смета дека ДПИ незаконски постапил со донесеното решение бидејќи не ја почекал одлуката од Агенцијата за администрација по однос на поднесената жалба на инспекторот

Народниот правобранител оцени дека сѐ уште е спорно прашањето дали тројцата државни функционери од Тетовскиот универзитет (Арбер Адеми, Сафет Емрули и Агим Нухиу) незаконски биле унапредени во наставно-научни звања, а смета дека постојат индиции за повреда на правото бидејќи именуваните професори незаконски склучиле договори за интелектуални услуги за кои се верува дека добивале и парични средства.
Во дописот до Државниот просветен инспекторат, по поднесената претставка на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, кој го изнесе случајот во јавноста, пишува:
„За народниот правобранител е неоспорно дека инспекцискиот надзор се спровел кога бил во сила новиот Закон за високо образование, меѓутоа, спорно е тоа што повредата на законските одредби што ги констатирал инспекторот се направени во моментот кога бил во сила стариот закон, каде што во член 133, став 14, јасно е наведено дека лицето што е избрано во наставно- научно звање на кое му мирува работниот однос поради вршење функција на изборно или именувано лице, може да изведува настава и да спроведува испити во деновите петок, сабота и недела, не може да биде ментор или член на комисија за одбрана на магистерски труд и докторска дисертација и не може да прима надоместок од високообразовна институција за извршената настава, научноистражувачка или применувачка дејност“.

Народниот правобранител утврдил дека останува спорно и прашањето дали јавните функционери незаконски унапредувале во наставно-научни звања.
„Постапката за избор во наставно-научни звања била спроведена согласно Законот кој важел во моментот на распишување на конкурс, а кои постапки биле во периодот 2016-2017 година, односно пред донесување на новиот Закон за високо образование. Народниот правобранител му укажува на ДПИ дека во вакви случаи, кога има нејаснотии што произлегуваат од законските одредби, односно нивното несоодветно толкување, може да побара автентично толкување од Собранието на Северна Македонија“, пишува во извештајот.

Инаку, вонредниот инспекциски надзор на Тетовски покажа дека сѐ е законски во постапката во изборот на звањата на тројцата функционери бидејќи сега важи новиот Закон за високо образование. Исто така, и второстепената комисија ги укина решенијата на Илиевски токму поради вакво ретроактивно важење на Законот за високо образование.

Во врска со дисциплинската постапка против инспекторот Илиевски, односно начинот на кој се водеше и неговото деградирање на работното место, народниот правобранител смета дека ДПИ незаконски постапил со донесеното решение за распоредување и определување плата за државен службеник од причина што постапил пред да се донесе одлука од Агенцијата за администрација по однос на поднесената жалба на Илиевски.

Претставник на народниот правобранител, исто така, беше присутен на состанокот на дисциплинската комисија која решаваше за постапката за Илиевски. Во врска со тој состанок омбудсманот утврдил дека има неправилности:
„Државниот просветен инспекторат имаше ополномоштен адвокат кој ја застапуваше институцијата во текот на дисциплинската постапка, што е спротивно на член 76 од Законот за административни службеници кој експлицитно предвидува како се води постапка“.

Илевски сѐ уште чека одлука од Агенцијата по неговата жалба за деградирањето, откако од нивна страна беше препратен во Инспекцискиот совет, а тие повторно ја вратија постапката во Агенцијата за администрација.

Инспекцискиот совет, пак, донел одлука по жалбата на Илиевски во врска со наводите за нестручно и несовесно работење на просветни инспектори поради начинот на кој беше спроведен вонредниот инспекциски надзор на Тетовски.
Инспекцискиот совет заклучил дека, по увидот од иницијативата доставена од Државната комисија за спречување корупција, која утврдила судир на интереси во постапувањето на државниот просветен инспектор Африм Саљиу при спроведен инспекциски надзор тетовски универзитет на 6 јуни оваа година, наводите во претставката се основани.




- Откако ќе бидат прибавени потребните податоци за инспекторот, надлежниот член на Инспекцискиот совет ќе достави барање за поведување дисциплинска постапка против државниот просветен инспектор Африм Саљиу - пишува во одговорот од Инспекцискиот совет.
Народниот правобранител му дава рок од 10 дена на ДПИ да даде аргументи и докази за преземени дејства за надминување на настанатата состојба.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема