X
 19.03.2018 Образование

Со што може да се пофалат македонските училишта?

Најголемиот број на наставници изготвуваат планирање за наставниот процес согласно наставните програми. Известувањето за напредокот и изостаноците на учениците преку електронскиот дневник е на високо ниво – пишува во извештајот за квалитет на воспитно-образовниот процес.



Покрај недостатоците, голем број на основни и средни училишта кои лани ги посети Државниот просветен инспекторат, имаат и со што да се пофалат. Просветните инспектори, лани извршиле контрола во 115 основни и 33 средни училишта.
- Од извршените интегрални евалуации, констатирано е дека дел од слабите страни нотирани во претходните извештаи се надминати, а во дел од нив, направени се подготовки и отпочнат е процесот на подобрување. Училишта успешно работат на сопствена афирмација имаат изготвено Кодекси за однесување на сите структури вклучени во воспитно образовниот процес, а имаат добра соработка со локалната заедница – велат од Државниот просветен иснпекторат.

Сѐ се запишува во Е -дневникот

Инспекторите лани воочиле дека наставните планови и програми во основните и средни училишта се реализираат во проширен обем, а во поголемиот број на основни училишта има формирано инклузивни тимови кои им нудат соодветна помош и поддршка на децата со посебни образовни потреби. Училиштата ги реализираат ученичките екскурзии согласно правилниците.
- Во училиштата континуирано се изготвуваат извештаи за успех, редовност и поведение на учениците. Има намален број на изречени педагошки мерки на учениците во основните училишта. Во процесот на реализација на наставата констатирана е поголема интерактивност меѓу ученик-ученик. Најголемиот број на наставници изготвуваат планирање за наставниот процес согласно наставните програми. Известувањето за напредокот и изостаноците на учениците преку електронскиот дневник е на високо ниво – пишува во извештајот за квалитет на воспитно-образовниот процес.



Повеќе спортски терени и сали

Инспекторите оцениле дека над 80 проценти од наставниците оценуваат согласно изготвените критериуми и стандарди. Добро е и тоа што расте бројот на училишта кои обезбедуваат пристап на лицата со телесни пречки, а инспекцијата утврдила дека училиштата ги почитуваат правата на децата без разлика на етничката припадност, вера, пол.
- Поголем број на училишта имаат изготвено планови план за евакуација и спроведени симулации за брзо напуштање на училишните објекти. Училишта организираат предавања за
учениците за заштита и превенција од алхохол, наркотици и заразни болести – заклучиле инспекторите.
Минатата година е забележан и тренд на подобрување на просторните услови во училиштата, а зголемен е и бројот на спортски терени и фискултурни сали во училиштата.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование