X
 22.08.2018 Образование

Две фотоволтаични централи инсталирани на ФЕИТ

Две фотоволтаични централи со вкупна моќност од 22 киловати денеска беа пуштени во употреба на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ). Едната централа е донација од компанијата „Окта“, а другата е набавена во рамките на ИПА-проектот „Подобрување на интеграцијата на складирање енергија во згради со фотоволтаици“ и со средства на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Струјата произведена со фотоволтаичните централи ќе се користи за потребите на ФЕИТ и на факултетот ќе му донесе годишна заштеда од 3.000 до 3.500 евра.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми истакна дека фотоволтаичните центрaли му овозможуваат на факултетот да има современ енергетски ефикасен објект и да прави максимални заштеди кога е во прашање потрошувачката на електрична енергија.

Според него, фотоволтаичните централи ќе бидат и одлична можност за студентите да се запознаат со начинот на функционирање на овој тип системи како дел од наставата, да анализираат како генерираат електрична енергија од фотоволтаици и како ја алоцираат со минимални материјални трошоци.

- Овој проект треба да биде пример и поттик и за домаќинствата и за бизнис-заедницата, односно енергетските оператори затоа што фотоволтаичните централи можат да им послужат и да им заштедат средства, да ја заштитат животната средина и да се намали загадувањето - рече Адеми.

Деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, нагласи дека со овие фотоволтаици придонесуваат за заштита на животната средина и за намалување на загадувањето.

Вкупната вредност на проектот за набавка и инсталирање на двете централи изнесува 27.500 евра.

Извор: МИА


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование