25 години мобилна телефонија во Македонијa
Проф. д-р Тони Јаневски е еден од пионерите на мобилната телефонија во Македонија, кој во времето на нејзините зачетоци бил млад љубопитен инженер и дел од првиот тим на некогашниот МобиМак. Денеска, тој е професор на ФЕИТ чии курикулуми во голем дел ги вклучуваат новите технологии и се чекор понапред од она што тековно се имплементира во праксата. Како што самиот вели, заедно со своите колеги, тој е посветен на создавањето комуникациски инженери од домашно производство со врвен квалитет. Неговото знаење и богатото искуство од областа на мобилните комуникации го прават проф. Јаневски еден од најинтересните соговорници на темата 25 години мобилна телефонија во Македонија.
Во 1996 година беше воведена првата мобилна мрежа, а од неа започна и големата телекомуникациска револуција во земјата. Колку напреднавме во последните 25 години? Успеа ли Македонија да создаде услови за добра телекомуникациска услуга и развој на истата?
Во 1996 година беше воведена првата мобилна мрежа во Македонија и оттогаш телекомуникациите станаа нешто многу повеќе од она што беа претходно. Појавата на првата мобилна мрежа во Македонија, којашто тогаш се викаше МобиМак, заедно со појавата на Интернет пристапот (во тоа време модемски и со мали брзини, преку фиксната, новововедена мобилна мрежа) едноставно го променија тогашниот телекомуникациски свет за 360 степени и направија вистинска телекомуникациска револуција во земјата.
Првата мобилна мрежа беше од типот GSM – Глобален систем за мобилни комуникации, којшто припаѓа на т.н. втора генерација мобилни системи (2G), којашто ги одбележа 1990-те години и сè уште постои и денес. По 2000 година, се појави и 3-та генерација мобилни системи (3G), којашто понуди поголеми битски брзини и помали доцнења, во 2010-те се појави 4-та генерација мобилни системи (4G), којашто е целосно базирана на IP/Интернет технологиите, а во тековниве 2020-ти години се имплементира и најновата 5-та генерација мобилни системи (5G), којашто се очекува да донесе и низа нови иновативни услуги до 2030 година, како и уште поголеми индивидуални битски брзини и помали доцнења во мрежата за крајните мобилни корисници.
Сето тоа направи во изминативе 25 години да имаме невиден развој на телекомуникациската инфраструктура со цел да се поддржат сите тие зголемувања на бројот на корисници (од нула мобилни корисници во сeптември 1996 година до тоа сите граѓани денес да бидат корисници на мобилните услуги), зголемување на битските брзини (денес имаме и 10-ци Mbit/s) и доцнења коишто се мерат во 10-ци милисекунди. Оваа телекомуникациска револуција, водена од интегрираните мобилни и Интернет мрежи, денес е една од главните основи за дигитализација на сите сфери на општеството и за премин кон дигиталната сфера во сите животни и професионални дејности.
И Вие бевте дел од тимот којшто со тогашниот МобиМак ја имплементираше првата мобилна мрежа во Македонија. Со какви предизвици се соочувавте тогаш и дали сметате дека поставивте добри темели за развој на телекомуникациските услуги во иднина?
Токму така, јас бев дел од тимот којшто ја постави првата мобилна мрежа во Македонија. Можам да кажам дека тоа е неверојатно искуство за кое не знаеш однапред дека ќе го доживееш, а подоцна си велиш дека едноставно си имал многу среќа штом си се погодил во еден таков момент – на вистинското место во вистинското време. Тукушто имав дипломирано на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), во април 1996 година, а веќе во мај ме примија на конкурсот во Македонски телекомуникации и веднаш ме распределија во новоформираниот оддел за мобилна телефонија. Тимот се состоеше од 10-на инженери. Се случуваше да се работи и до 16 часа на ден, а понекогаш и преку викендите. Но, клучно беше што сите бевме со елан и силна желба да се постави првата мобилна мрежа во Македонија. Се сеќавам дека првата опрема беше од Ericsson и пристигна на 1 јули 1996, со камион од Шведска, а ние нетрпеливо ја чекавме на јулското сонце пред ТК Центарот во Скопје.
Голем предизвик секогаш беше времето; понекогаш ни беа потребни повеќе од 24 часа. Многу се работеше, но и многу се учеше од пракса. Работа преку ден, обука попладне, промени во софтвер во мрежата доцна навечер, а исто така и преку викенд, за да не се почувствуваат евентуалните прекини. Поставените темели беа гранитно добри. МобиМак во годините потоа се екипираше со разни служби, се зголемуваше нивниот број од година в година, а мрежата соодветно ја зголемуваше покриеноста на територијата, како и капацитетот.
Работата на мрежата за корисници официјално започна на 14 октомври 1996 година, иако експерименталната фаза започна уште на почетокот на септември. Така, на празникот 8 септември 1996 година, беше официјално пуштена во пробна работа првата мобилна мрежа во Македонија, во присуство на тогашното државно и црковно раководство. Тогаш, кога за првпат ќе се јавевте кај некого на фиксен телефон и ќе му кажевте дека се јавувате од автомобил во движење беше за неверување – како да раскажувате нешто од научнофантастичен филм.
Како го оценувате процесот на дигитализација во земјата? Можеме ли да кажеме дека успешно го следиме темпото на останатите земји во светот?
Дигитализацијата е трансформација на техно-економската средина и институционалните операции во општеството преку дигитални комуникации и апликации. Да го објасниме ова во повеќе детали. За разлика од другите технолошки иновации, дигитализацијата се заснова на еволуција на пристапните телекомуникациски мрежи, вклучувајќи ги тука мобилните и фиксните широкопојасни мрежи, но исто така, таа е базирана и на развојот и различните уреди, оперативните системи, платформи за развој на апликации, онлајн услуги од администрацијата во државата, електронска трговија, социјални мрежи и достапност на онлајн информации во форуми и веб портали. Дигитализацијата сe случува постојано во изминативе години и ќе продолжи да се случува и во годините што доаѓаат. Tој процес има само почеток, но нема крај. Можеме да кажеме само кога започнала дигитализацијата – тоа е во минатата деценија кога распространувањето на Интернет пристапот со поголеми битски брзини преку мобилни или фиксни мрежи стана реалност за најголемиот дел од граѓаните. Со развојот на технологиите, особено на телекомуникациската индустрија (на пример, мобилната индустрија), со текот на времето дигитализацијата ќе се префрла на употреба на новите технологии, како на пример, на користењето вештачката интелигенција во самите дигитални сервиси. Притоа, кога ќе спомнеме вештачка интелигенција мислиме на софтверски и хардверски решенија коишто ќе можат сами да се менуваат со текот на времето врз основа на одредени параметри и одредено количество податоци, што ќе се собираат и обработуваат низ одредени алгоритми.
Ние сме рамо до рамо со развиените земји во Европа и во светот како во однос на имплементацијата на телекомуникациската инфраструктура, така и во однос на пенетрацијата на дигиталните услуги во различните сфери на животот и општеството. Дигитализацијата кај нас е започната уште со појавата на широкопојасниот пристап до Интернет, пред повеќе од една деценија, а оттогаш наваму таа континуирано се одвива и надградува, така што дефинитивно можеме да кажеме дека успешно го следиме тој процес.
Во светот веќе се воведува 5G технологијата како нов бран во дигиталната револуција. Што можеме да очекуваме? Како оваа технологија ќе влијае врз поединците, бизнисите и општеството?
Новата мобилна генерација, 5G, се појавува токму во време кога веќе имаме и фиксен и широкопојасен пристап којшто главно се користи за пристап до Интернет и за IP телевизија (како што е, на пример, MaxTV на Македонски Телеком). Всушност, статистиката на светско ниво вели дека повеќе од 70% од сообраќајот на сите мрежи (фиксни и мобилни) денес доаѓа од гледање видео содржини, како што се видео стриминг, IPTV, видео на барање и др. Во таа насока, на почетокот и 5G ќе се „придружи“ кон фамилијата на мобилни технологии коишто веќе се имплементирани и масовно се користат за мобилен широкопојасен пристап до Интернет. Во првата половина од оваа деценија (2020-2030), 5G е главно насочена кон обезбедување значително поголем капацитет во мобилната мрежа, што ќе придонесе до поголеми индивидуални битски брзини за крајните корисници, коишто ќе бидат возможни само ако корисниците имаат понови смартфони и други мобилни уреди коишто ја поддржуваат 5G технологијата. Поголемите битски брзини ќе бидат главно „трошени“ за гледање или „стримање“ видео со висока резолуција, но исто така една од главните цели во т.н. мобилен броадбанд (mobile broadband) во 5G се очекува да бидат и услугите за AR/VR (Augmented Reality / Virtual Reality), коишто подразбираат многу поголеми предизвици во споредба со класичните услуги за видео стриминг, како во однос на битските брзини, така и во однос на процесирачката моќ во самите мобилни уреди.
Но, за да можат да се искористат поголемите капацитети коишто ќе бидат овозможени со 5G, потребно е да бидат доделени и нови фреквентни опсези за 5G од АЕК за мобилните оператори, а друга опција е за 5G да се пренаменат дел од фреквентните опсези за 2G, 3G, или 4G. Решението со пренамена на дел од постојните опсези е најбрзото решение за иницијално воведување на 5G технологијата, но за да се искористи максимално сето она што го нуди 5G, треба да се доделат и нови фреквентни опсези. Така, на почетокот, 5G ќе се користи главно за мобилен пристап до Интернет со поголем квалитет (поголеми битски брзини, поголем проток на податоци на месечно ниво, а помали доцнења), којшто е и главен извор на приходи на мобилните оператори во денешно време.
Пошироката слика за 5G ни ја покажува целата моќ на оваа нова мобилна технологија. Така, покрај мобилниот широкопојасен пристап, 5G стандардот вклучува и масивен Интернет на нештата, како и ултра доверливи комуникации со ниски доцнења. Сега, Интернет на нештата преку мобилните мрежи веќе е имплементиран за многу услуги, при што за таквите услуги најчесто се потребни помали битски брзини, па можеа да бидат имплементирани и со GPRS (2G), како и со 3G или 4G. Значи, такви услуги имаме и сега, но 5G овозможува бројот на поврзани уреди во мрежата да биде многу поголем (на квадратен километар) отколку што тоа е можно со 4G. Новитетот којшто доаѓа со 5G и којшто не постоеше претходно не дозволува да има каков било испад или неработење на мрежата, а при тоа доцнењата постојано да бидат милисекунда или максимум неколку милисекунди. Но, реално зборувајќи, имплементацијата на ваквите критични услуги речиси секаде се планира за подоцнежните надградби на 5G мрежите.
5G ќе изврши свое влијание врз постојната дигитализација со тоа што ќе овозможи квалитетен мобилен Интернет пристап присутен насекаде, со многу поголем квалитет од досегашниот. Тоа е во првата фаза, додека напредната верзија на 5G (5G-Advanced), чијашто стандардизација е во завршна фаза, се очекува во вториот дел на оваа декада да понуди нови можности за постојните бизниси коишто ги користат мобилните мрежи за своите услуги, но исто така и можност за појава на нови бизниси коишто претходно не постоеле. Вообичаено, времето кога 5G се очекува да го преземе приматот од 4G, според сите постоечки анализи на глобално ниво, е по 2025 година, а дотогаш 5G постепено ќе се шири насекаде, како во Македонија, така и во регионот и во светот. Дотогаш, 4G сè уште ќе биде доминантната мобилна технологија по бројот на конекции од корисниците.
До каде сме ние со имплементација на 5G?
Во Македонија сме во тестна фаза за 5G уште од 2019 година. Имено, во мај 2019 година, беше склучена соработка меѓу ФЕИТ и Македонски Телеком за тестирање 5G, при што, до крајот на 2019, Македонски Телеком постави 5G базна станица за тестна работа во дворот на ФЕИТ. Таа беше наменета за тестна работа на 5G како нова технологија во тоа време и истовремено со комплетирањето на првите глобални стандарди за 5G. Според тоа, во 2019 година започна тестирањето на 5G во Македонија, па тоа претставува и почеток на имплементацијата на 5G во земјава.
Веројатно, наскоро тука може да се очекува и комерцијална работа на 5G, а кога ќе биде тоа зависи од мобилните оператори и нивните бизнис планови, како и од АЕК којашто управува со фреквентните опсези на територијата на Македонија. Генерално, комерцијалниот почеток на дадена мобилна технологија во дадена земја зависи и од куповната моќ на крајните мобилни корисници во однос на нови мобилни терминали. Имено, смартфоните коишто се постари од година-две воопшто немаат поддршка за 5G, а поддршка за 5G во моментов главно имаат моделите со повисока цена. Но, како и во претходните мобилни генерации, така и сега во 5G ерата, сите следни мобилни уреди ќе имаат поддршка за 5G, вклучувајќи ги и попристапните модели за поголем број корисници. Тој процес ќе се случува во текот на следните 4-5 години, период во кој капацитетот и покриеноста со 5G постепено ќе се зголемуваат, пропорционално со бројот на мобилни корисници со мобилни уреди (смартфони) коишто поддржуваат и 5G.
Во првите години корисниците нема да почувствуваат суштинска разлика, бидејќи тие ќе ги користат истите сервиси и апликации без разлика дали се закачени на 4G или на 5G мобилната мрежа. Главна придобивка ќе бидат постепено поголемите индивидуални брзини (коишто би требало да бидат поголеми од 100 Mbit/s до крајот на оваа деценија), помалите доцнења од крај до крај, а сето тоа би требало да биде придружено и со поголемо гигабитно количество на податоци, коишто корисниците ќе можат да ги искористат на месечно ниво (за иста или слична цена на услугата). На пoдолг рок, 5G како поефикасна мобилна технологија и со многу поголем квалитет на услугите, како и со многу повеќе можности, ќе биде поатрактивна за самите мобилни оператори коишто, кон средината на оваа деценија, ќе сакаат што побрзо да преминат на 5G.