X
 02.05.2024 Живот

Интеграција на роботиката и вештачката интелигенција – придонесот на ФЕИТ кон технолошката ренесанса на денешницата

Сведоци сме на научна и технолошка ренесанса, поттикната од конвергенцијата на роботиката, автоматиката, електрониката и вештачката интелигенција. Овие полиња, некогаш многу различни едни од други, сега се усогласуваат во една моќна симфонија на иновации, притоа трансформирајќи ги индустриите и обликувајќи ја иднината на човештвото.

Роботиката веќе не е ограничена само на производните линии во фабриките - роботите со вештачка интелигенција стануваат сè повешти во учењето, во прилагодувањето на своите средини и во донесувањето одлуки. Ова доведе до појава на т.н. колаборативни роботи (коботи) кои беспрекорно работат заедно со луѓето, како и до софистицирани мобилни роботи со интегрирани раце и мобилност, кои се способни истовремено да се движат низ различни средини и да извршуваат сложени задачи. Ова овозможува компаниите да ги автоматизираат повторливите и тешки задачи, со што ја подобруваат ефикасноста и безбедноста при работата. Соработката човек-робот овозможува иднина каде што работниците наместо на физички, се фокусираат на когнитивни задачи кои ги поттикнуваат креативноста, решавањето проблеми и критичкото размислување.



Во овој контекст, клучна улога играат автоматизираните системи на управување, уште познати и како кибернетски системи. Тука фокусот е на разбирање, дизајнирање и имплементација на управувачки решенија за машините и биолошките системи. Овие управувачки решенија се имплементираат на различни компјутери, од микроуправувачи, преку персонални компјутери, сѐ до специјализирани индустриски управувачи. Така на пример, една роботска рака која треба да префрли објект од една на друга локација е опремена со камера за детекција на објектот и локациите, како и со голем број сензори. Со користење на информациите од сензорите, интегрирани преку софистицирани алгоритми од вештачка интелигенција, оваа рака налик на човечка, ќе успее да го премести објектот на паметен и ефикасен начин.



Потребата од моќни управувачи за современите роботски системи веќе не подразбира голем и гломазен електронски хардвер, туку се заснова на мали, но моќни електронски компоненти. Токму затоа и вештачката интелигенција повеќе не е ограничена само на процесорската моќ на централизираните податочни центри. Концептот на вештачката интелигенција овозможува анализа на податоци од сензори и камери во реално време и овозможува брзо донесување одлуки, отворајќи го патот за еден интерактивен и интелигентен свет. Денес, алгоритмите на вештачка интелигенција сè почесто можат да се имплементираат на секојдневни и комерцијално достапни уреди, како што се нашите телефони или часовници. На тој начин, управувањето на системите со алгоритми кои не се само програмирани однапред, туку се способни и самите да учат и да носат одлуки, станува наше секојдневие. Така на пример, сведоци сме на системи кои претставуваат интерфејси меѓу човечкиот мозок и управувачкиот компјутер, а кои ги користат кибернетичките принципи за да овозможат интуитивно управување на роботските екстремитети и протези кај луѓето со ампутации. Затоа, вештачката интелигенција не значи само ефикасност и автоматизација, туку концепт со чие имплементирање во системите на управување се добива моќна алатка за справување со глобалните предизвици.

Овој спој на технологија и наука е катализатор за напредок со потенцијал да го подобри квалитетот на нашиот живот и да создаде одржлива иднина.

Од неговото основање пред 65 години сѐ до денес, голем број генерации на инженери излегле од Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ. Тие се заслужни за чекорот со светот кој Македонија постојано се труди да го одржи кога се во прашање актуелните технологии кои ги подобруваат индустријата и секојдневниот живот на луѓето. Овие инженери ги вградуваат знаењата и способностите стекнати во текот на студирањето на ФЕИТ при проектирањето и развојот на нови решенија кои се применуваат во македонската и интернационалната индустрија.



-Преку своите меѓународно акредитирани и признаени студиски програми во кои се вткаени модерните текови на роботиката, автоматиката и вештачката интелигенција, ФЕИТ потполно одговара на потребите на локалното, регионалното и интернационалното општество и индустрија. Токму во овие области, ФЕИТ на своите студенти им нуди единствена можност за стекнување сеопфатни знаења и вештини, како и работа на проекти и решавање на практични проблеми кои потекнуваат од соработката со индустријата. Модерните лаборатории и квалитетната опрема со кои се извршуваат експерименти во индустриска роботика, мобилна роботика и алгоритми за управување од вештачка интелигенција, како и силната соработка со домашното стопанство и со меѓународни научно-истражувачки и индустриски партнери, им овозможуваат уникатни услови за образование и специјализација на идните генерации на инженери. На тој начин ФЕИТ постојано од студентите гради сестрани луѓе со интердисциплинарни познавања и способност за усовршување и прилагодување на работата во нашето секојдневие - вели вонр. проф. д-р Горјан Наџински, професор на ФЕИТ и експерт од областа на автоматика и роботика. 

Вреди да се напомене дека ФЕИТ веќе 12 години е еден од главните организатори на студентскиот натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција (RoboMac) кој е одлично прифатен од студентите и им нуди можност за дополнителни практични знаења.

Со оглед на стабилната и профитабилна работа на многу индустриски компании во земјата, како и на растечката потреба од голем број експерти инженери и научници од областа на роботиката и вештачката интелигенција на клучни позиции во индустријата и стопанството, ФЕИТ ќе продолжи да игра активна улога како столб на инженерството во Македонија и да продуцира кадри кои земјата ќе ја држат во чекор со светските научни и технолошки трендови.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот