X
 22.08.2018 Образование

Среќници: Поради софтверска грешка, стартап-училиште прими 15.000 апликанти

Престижната стартап-компанија „Уај комбинатор“ прифати повеќе од 15.000 студенти во својата образовна онлајн-програма, по голема грешка.

Неколку кандидати на нивниот твитер-профил напишаа дека компанијата во понеделникот им испратила е-порака во која ги известила дека се примени во училиштето, меѓутоа, неколку часа подоцна им пристигнала е-порака во која се одбиени. Но во пораката испратена како извинување „Уај комбинатор“ објасни дека претходната порака во која студентите беа известени дека се примени била софтверска грешка.

„Стартап-училиште“ е бесплатен 10-неделен курс што ги едуцира основачите на стартап-компании за тоа како да ја зголемат и да управуваат со нивната стартап-компанија преку видеопредавања од претприемачи како што е коосновачот на „Вацап“, Јан Коум.

Училиштето е одвоено од основната програма на компанијата, која успеала да произведе успешни компании како „Ејрбнб“ и „Редит“. Минатата година 2.800 компании учествувале во „Стартап-училиште“ од вкупно 13.000 апликанти.

Откако кандидатите информираа за „епскиот неуспех“ на компанијата, „Уај комбинатор“ изјави дека ќе ги прифати сите 15.000 компании што аплицирале да учествуваат во програмата.

- Нашата цел отсекогаш била да им помогнеме на максимален број стартапи, но бевме загрижени дека нашата инфраструктура за „Стартап-училиште“ нема да успее да ги поддржи сите компании што аплицирале, а беа над 15.000. Сепак, по денешната грешка се чини дека единствената правилна работа е да ги примиме сите. Одлучивме да ја искористиме нашата грешка за да пронајдеме начин да направиме училиштето да функционира за сите апликанти - изјавија од компанијата по направената грешка.

Но не сите 15.000 компании-учеснички ќе добијат бенефиции од училиштето. Само помалите, првично прифатени компании ќе имаат пристап до мрежата на советници на „Уај комбинатор“, како што е нејзиниот претседател, Сем Алтман.

Според партнерот на „Уај Комбинатор“, Џаред Фридман, тоа би биле околу 3.700 стартапи.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование