Универзитетот „Св. Климент Охридски” - Битола (УКЛО) е првиот и единствен македонски универзитет рангиран на „Тimes Higher Education World University Rankings (THE)” на листата
University Impact Rankings за 2024 година.
THE Rankings се смета за најрелевантно рангирање на универзитети во светот, заедно со Академското рангирање на светските универзитети, познато уште како Шангајска листа за рангирање и QS World University Rankings.
Категоријата University Impact Rankings опфаќа универзитети кои се истакнуваат во остварување на Целите за одржлив развој на Организацијата на обединетите нации („Sustainable Development Goals” / “SDGs”).
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола во вкупното рангирање е рангиран на позиција од 1.000 до 1.500. Во целокупното рангирање се вклучени 2.152 универзитети од 125 земји.
Но, посебно радува фактот што во една од четирите главни категории или столбови на евалуација, категоријата Мир, правда и силни институции, УКЛО е вреднуван во првите 400 универзитети во светот
(од 301 до 400).
За остварениот успех на УКЛО на ова глобално универзитетско рангирање, менаџменот со големо задоволство оценува дека успехот на Универзитетот несомнено претставува и македонски успех и особено, успех на студентите, наставно-научниот, соработничкиот и административниот кадар.
Имајќи ги предвид активностите и политиките на УКЛО што се преземаат и спроведуваат во последните две години и бенефитот од членувањето во COLOURS Европската универзитетска алијансата, заедно со уште осум други универзитети од Европа, со сигурност се очекува следната година резултатите за УКЛО да бидат уште подобри и во другите категории на академско евалуирање.
Рангирањето на влијанието на високото образование на „Тimes Higher Education World University Rankings (THE)” е единственото глобално рангирање кое ги оценува универзитетите според целите за одржлив развој на Обединетите нации. За рангирањето се користат серија индикатори за да се обезбедат сеопфатни и урамнотежени споредби во четири области: истражување, раководење, достапност и настава.
Од „Times Higher Education” истакнуваат дека рангираните универзитети освен што се истакнуваат во поединечни области, покажуваат и сеопфатна извонредност во придонесот кон глобалниот одржлив развој. Оттука, ранг - листата ја потврдува нивната посветеност за справување со најважните предизвици во светот, вклучувајќи ја одржливоста на животната средина, социјалната вклученост, економскиот раст и соработката.
(Комерцијална објава)