На 22 декември 1908 година во Велес е роден Коста Апостолов Солев Рацин, попознат како Кочо Рацин, македонски книжевник и социјалистички деец, најпознат по својата поезија.
Рацин се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.
Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова - Раца.
Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зел по неговата втора љубов - Невенка Вуиќ.
Рацин бил убиен на Лопушник на 13 јуни 1943 година.
Во чест на овој значаен деец, ви пренесуваме неколку негови мисли и
творби. Сигурни сме дека голем дел од песните можете да ги изрецитирате и во сон.
„Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата. Да му го земеш јазикот, тоа значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот национален персоналитет. И таа забрана овде (во Кралството Југославија, б.н.) и иста таква забрана во „бугарска“ Македонија, и во Грција – тоа е сè борба за душата на македонскиот народ, но не за тоа таа да се развие, туку да се уништи. И тука има едно фантастично совпаѓање: трите балкански буржоазии се единствени во нешто – во тоа да се одрече, а потоа да се уништи македонскиот јазик за да се избрише македонскиот народ како национална индивидуалност…Ете и историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат, за да ни ја земат душата, за да докажат дека сме племе без историски континуитет. Народ кој нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое национално утре. Ете, нашето вчера треба да исчезне за да се стопи нашето денес и за да се избрише секоја мисла за нашето утре. А континуитетот постои – континуитет на маки и страдања, но и континуитет на отпори, борби и еден чудовишен континуитет на национална отпорност и на народна жилавост.“
„Слободата, вистинската слобода на Македониа нема да дојде от таму, ами само от самите Македонци и со примерот што го покажа Илинден! Секој друг пат е лага! Од Илинден до сега се поминати цели 37 години. Цели 37 години крвава борба и крваво искуство. И Македониа уште не е слободна. Борбата е тешка, душманинот јак, но и мнозина водачи не водеја по крив пат. Уште има кај нас „чекајушти“ и „желајушти“! Уште таквија чекајат некој да ги „ослободи“ и да им даде живот.“
(Кочо Рацин, 1940 г.)
КОПАЧИТЕ
Се к'ти ноќта црна!
Се р'ти карпа – мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори –
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
Пробудете се морни
копачки и копачи –
на трудот
црн
народ!
Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден –
да тргнеме и ние
страдалници од век!
На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!
На работа!
На труд!
Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.
И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.
На работа!
На труд!
Да роди род богат!
Да бликне живот млад!
На пепел троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно
на воздух!
Ораме со рало
но земјата ни златна
колку е богата!
На пепел троскат, пелин!
Во огин пламен јад!
Да престане, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал –
скот.
И в таја мугра пресна
да екне дружна песна
на дружните удари –
та бијат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јад!
Од сички маки тешки
не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!
На работа!
На труд!
Та не сме саде ние
та не сме саде тука –
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн –
народ!
Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
ќе б'сне сонце златно –
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот –
ќе л'сне живот нов!
И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековита смрт!
Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!
Се кати ноќта црна!
Се рути карпа – мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори –
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
ДЕНОВИ
Како на вратот гердани
ниски камења студени
така на плешки денови
легнале та натежнале
Денови ли се – денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси –
ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!
Роди се човек – роб биди
роди се човек – скот умри,
скотски цел живот работи
за други туѓи имоти.
За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!
За себе само ргај си
за себе маки тргај си –
нижи си гердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен!
ТУТУНОБЕРАЧИТЕ
На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун – нашава мака
нашава солена пот!
Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.
Ж'лт – ж'лти прави лицата бледни
и ж'лта гостинка у градите носи.
По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
зачмаени ние го береме.
Лист по лист кини
лист по лист нижи
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на долга низа од капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со корав поглед на очите матни
по кревките лисја ж'лтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.
Та незнаш ли?
Денот ли дојде тој да се мери –
мерка му нема, а в градите длаби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и во очите матни
и не сакајќи сама се дига
фуријата.
Кантарот носи лисјето златно
а в гради луто далгите беснат
на ж'лтата мака – на ж'лтиот тутун
на ж'лтата пот на рацете ни!
ПЕЧАЛ
Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема,
љубов за живот човечна
у виа гради аргатски?
Нема ли срце, нема ли
срце – на срца срцето,
срце – ширини широко
срце – длабини длабоко –
цел свет да збере, па да е
за виа гради малечко?
Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите –
ден – с'лнце вишен високо
ден – море ширен широко,
с'лнце да запре, да стои
и времето зачудено:
срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвора
и шири ширно широко –
целиот свет да загрне!
ДО ЕДЕН РАБОТНИК
Да бидеш човек, да имаш топла крв,
да мислиш со глава и да работиш со рака
и па да бидеш нешто мртво.
През цел свој живот и ден и ноќ
да се трудиш и мачиш
и па да бидеш гладен и страден.
Работник - патник:
да немаш ништо, да страдаш за сичко -
а ти и твоите браќа да праите се!
Палати да праиш
да живееш у изба -
од лулка до гроб
да бидеш роб.
Од вашата мака
да живеат друзи!
О, братко! Плукни на таков живот!
Со браќата твои, со маката ваша,
сронете го овој свет
и нов направете -
братски!
БАЛАДА ЗА СТАПАЛКАТА
Наслушни — потпри го увото врз дамарот на денот —
Ох, го слушаш ли, го слушаш ли тој проклет татон подмолен?
Со денови и денови, со ноќи долги, сè ист —
Гребе и шика и рие и копа во свеста.
По млекото на денот од крпите на новините
Од плетерот на лисјето на книгите —
Ја слушаш, слушаш! —
Морничаво тапка
Со клинци поткованата стапалка.
Сè поблиску и поблиску, сè повеќе и повеќе
Застрашувајќи и пострашно тапка,
Тресејќи се со буката на челичните птици
Над покривите на градот.
И трепериш веќе — крши, прашти, урива
И гмечи и прекршува ребра!
Во ноќите низ дебелите води на мракот
Низ сенката на сонот — пак копка...
Далеку негде го пали растопеното железо
Далеку негде блешти растопениот бакар —
Фабриките и дење и ноќе татонат
Фабриките топови и тенкови лијат
Фабриките фосген, гранати шрапнели —
Одеднаш — низ димот
Преку пукотница, паника, и бег
Го израчуваат врз градот...
А стапалката оди понатаму и тапка
Низ локви од крв гази и шлапка
Низ мрши чрчори, низ месо и гној
И крвава и гнојна ти гази врз вратот
И крвава и гнојна ти го притиска мирот
Низ јавето, низ сонот
Во утрото, во денот.
Наслушни — потпри го увото врз дамарот на денот —
Ох, го слушаш ли, го слушаш ли тој проклет татон подмолен?
Насловна фотографија: Wikipedia