X
 23.01.2023 Живот

Хотел во кој може да спиете во две држави истовремено

Хотелот „Арбез“ или „Ларбези“ се наоѓа на границата помеѓу Франција и Швајцарија. Интересно е тоа што некои соби во хотелот истовремено се наоѓаат во двете држави.

Тоа е ненамерна последица на Договорот од Дапес од 1862 година, со кој Франција и Швајцарија се договориле за мала замена на територии за да се овозможи целосна француска контрола над стратешки пат во близина. Со договорот се предвидувало сите згради по должината на границата да останат на место, а еден локален претприемач го искористил ова и во една од зградите отворил бар и работилница за да ги искористи предностите на прекуграничната трговија. Подоцна, во 1921 година, на местото бил отворен хотел.



Оттогаш половина од хотелот се наоѓа во Франција, а другата половина во Швајцарија. Меѓународната граница дели ресторан и неколку соби. Поради ова, внатрешноста на хотелот е соодветно украсена со знамиња и други украси.

Има и разлики помеѓу француската и швајцарската страна на хотелот. Доколку седите во француската страна од ресторанот, нема да можете да порачате швајцарско сирење, а истото се случува и со некои француски специјалитети на швајцарската страна од ресторанот.



За плаќањето се примаат евра и швајцарски франци, а хотелот има два телефонски броја, по еден за секоја држава. Во собите има два вида штекери бидејќи во двете земји се користат различни стандарди. Данок се плаќа во двете држави.

Швајцарија е дел од шенген-зоната од 2008 година, па движењето помеѓу двете страни од хотелот е лесно, но дури и претходно во хотелот имало поинаков прекуграничен простор од она на што сме навикнати. Во Втората светска војна, кога дел од Франција бил под германска окупација, Германците ја окупирале француската половина од хотелот. Скалите делумно биле на територија на Швајцарија, па затоа горните катови им останале забранети, па таму се криеле бегалци и француски сојузници.



Извор: Klix
Насловна фотографија: Twitter
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот