Сместена помеѓу Латвија и Финска, поранешната советска република сè уште е релативно непозната за многу туристи. Реално, ретко ќе слушнете некој да се подготвува за патување во Естонија, што е штета бидејќи оваа земја крие многу богатства и можности.
Една од технолошки најнапредните земји во светот
Според бројот на жители, Естонија има повеќе стартап-компании од познатата американска Силициумска долина. Тука се роди познатиот „Скајп“, а земјата може да се пофали со една од најдобрите интернет-конекции во светот, што ја прави погодна за дигиталните номади. Исто така, работната дозвола се обезбедува онлајн, па бирократијата е сведена на минимум.
Острови
Верувале или не, Естонија има над две илјади острови распослани низ Балтичкото Море. Еден од најинтересните е Кихну, до кој се стигнува со траект од градот Парну. Имено, островот е познат како дом на морнарите и рибарите, па кога ќе дојдете на него, прво ќе се изненадите од големиот број жени, со оглед на тоа дека мажите се речиси цел ден на море.
Мечки
Помислата да се сретнеме со мечка е застрашувачка. Сепак, со оглед на богатството на фауна на Естонија, мечките не се невообичаени и можно е да се видат мајки со младенчиња во текот на пролетта и во летото. Секако, има и организирани екскурзии за да не се изгубите сами во шума во која владеат мечки.
Мистериозното „петто“ годишно време
Помеѓу зимата и пролетта Естонија доживува доста влажно време. Нивото на водата расте поради топењето на снегот, па поплавите не се ретки, а жителите потоа користат чамци и кануа за превоз.
Навалената куќа во Тарту
Исто како и познатата Крива кула во Пиза, Музејот на уметност во Тарту е сместен во соодветно именуваната Коса куќа, која е таква поради лошите темели. Зградата е изградена во 1793 година и му припаѓала на благородничко семејство, но поради лошата градба, набрзо почнала да тоне. За среќа, по големиот проект за реставрација зградата престанала да пропаѓа и станала дом на импресивна уметничка колекција.
Извор:
b92.net
Фото: Freepik