Гледајќи ги мапите на Западна Европа во изминатите децении, ќе помислите дека границите меѓу земјите воопшто не се поместени.
Последната голема забележлива промена беше обединувањето на Германија во 1990 година по падот на Берлинскиот ѕид.
Со оглед на тоа што повеќето граници во Западна Европа сега се опфатени со Шенгенскиот договор, кој во голема мера ги елиминира граничните пунктови, тие може да изгледаат помалку важни од кога било.
Сепак, мал дел од границата помеѓу две од најголемите земји во регионот продолжува да се менува на секои шест месеци.
Островот на Фазаните се наоѓа на реката Бидасоа, која ги дели Франција и Шпанија.
На едната страна од реката се наоѓа шпанскиот град Ирун, додека на француската страна е Хендаје. По Пиринскиот договор во 1659 година, островот стана кондоминиум, статус што го задржува до ден-денес.
Помеѓу 1 февруари и 31 јули секоја година островот е под управа на командантите на шпанската морнарица во Сан Себастијан. Остатокот од годината, помеѓу 1 август и 31 јануари, островот е управуван од Франција. Така, шест месеци во годината овој остров е француска територија, а преостанатите шест, шпанска, нешто што може да се опише како исклучително бавна партија пинг-понг меѓу двете држави.
Ништо од ова не прави голема разлика бидејќи малиот остров, долг околу 200 метри и широк околу 40 метри, е ненаселен, а и покрај тоа што го посочува името, нема ни фазани.
На островот има монолит што го означува договорот што беше потпишан на него, но не е таков што привлекува толпи туристи како што можете да најдете во другите области на двете земји.
Иако островот понекогаш е достапен пеш од шпанската страна, пристапот е генерално строго забранет. Островот е специфичен по тоа што е најстариот пример на заедничка територија, но и по тоа што е единствениот во кој суверенитетот не се споделува истовремено, туку наизменично.
Островот е затворен за посетители, а на секои шест месеци таму се среќаваат официјални лица од Франција и Шпанија, некогаш симболично, некогаш заради размена на документи.
Извор:
Express.co.uk
Фото:
Wikipedia