X
 23.04.2026 Живот

Учениците од СУГС „Димитар Влахов“ - Скопје се двигатели на зелената иднина, собраа 15 тони употребена хартија

Во знак на одбележување на Светскиот ден на планетата Земја, 22 Април, учениците од СУГС „Димитар Влахов“ – Скопје, од секторот графички уредник-дизајнер, уште еднаш докажаа дека младите можат да бидат носители на позитивни промени. Со искрена посветеност, креативност и силна еколошка свест, тие застанаа во првите редови на борбата за почиста и поодржлива животна средина.

Во рамките на екоакцијата „Рециклирам значи постојам“, заедно со своите врсници од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ и СОУ „Таки Даскало“ – Битола, испратија јасна и гласна порака: Иднината не ја чекаме, иднината ја создаваме. Нивната заложба е видлива во секој нивен чекор, од осмислување иновативни дизајни и екопораки до активно учество во акции за селекција и рециклирање отпад.



Во акцијата беа вклучени повеќе ученици од образовниот профил графички уредник дизајнер, а на кормилото на тимот и на сите презентации и гостувања во медиумите беа Кристијан Захариевски и Андреј Јовановски од СУГС „Димитар Влахов“. Сите заедно повеќе од кога било и со особена страст го користат својот талент во графичкиот дизајн за да ја подигнат свеста кај заедницата. Нивните постери, кампањи и визуелни решенија се гласен повик за одговорност на заедницата. Преку нив тие потсетуваат дека рециклирањето веќе е потреба кај секој поединец и дека секој од нас мора да има улога во зачувувањето на природата.



Тие на афирмција во повеќе основни училишта во Скопје го говорат тоа и преку факти. Дека рециклирањето на еден тон хартија спасува 17 дрвја, заштедува илјадници литри вода и значително ја намалува емисијата на штетни гасови. Но, уште поважно тие го претвораат ова знаење во акција, во навика и во начин на живот. Учениците собраа 15 тони употребена хартија, што значи спасени се вкупно 295 дрвја. Таа бројка е една вистинска мала шума. Секој лист што не завршил како отпад, туку бил рециклиран, претставува чекор кон почиста природа и поздрав екосистем. Ова покажува дека и со навидум мали акции можеме да направиме значајна разлика и да придонесеме за зачувување на шумите и животната средина.



Нивната крајна цел е посета на Националната работилница за рачна изработка на хартија во Охрид како инспирација за нови идеи, нови дела и уште поголема посветеност. Таму тие ќе ја поврзат традицијата со современата екосвест, создавајќи вредности што ќе траат.

Учениците од СУГС „Димитар Влахов“ веруваат дека ќе бидат промената што ќе го придвижи светот напред и токму затоа, нивната порака одекнува силно: Иднината започнува со нас, но и зависи од нас! - велат тие.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот