Многумина барем еднаш имале чувство дека нивниот паметен телефон ги прислушува. Споменувате одреден производ во разговор, а набрзо на социјалните мрежи или на интернет-страници почнуваат да се појавуваат реклами токму за него. Но истражувањата покажуваат дека реалноста не е баш таква.
Експерти за сајбер-безбедност анализирале повеќе од 17.000 андроид-апликации за да проверат дали активираат микрофон без знаење на корисниците.
Не пронашле докази дека апликациите тајно снимаат разговори за рекламни цели. Таквата практика би била и технички тешка бидејќи постојаното испраќање аудиозаписи би трошело големи количини податоци и батерија, што корисниците лесно би го забележале.
„Епл“, „Гугл“ и „Мета“, исто така, тврдат дека не ги користат податоците од микрофонот за таргетирано рекламирање. Дури ни за време на судски спорови поврзани со Сири не биле пронајдени докази дека гласовните записи се користеле за маркетинг-профили.
Алгоритмите знаат повеќе отколку што мислиме
Експертите предупредуваат дека реалноста можеби е уште поголем проблем. Наместо прислушување, технолошките компании користат огромни количини податоци што корисниците секојдневно ги оставаат зад себе - од локација и историја на пребарување до купувања, користење апликации и социјални контакти.
На пример, ако поминувате време со личност која неодамна истражувала одредена туристичка дестинација, системите можат да ги поврзат вашите уреди и да заклучат дека ве интересираат слични содржини. Потоа почнувате да гледате реклами за патувања на истото место, што создава впечаток дека „ве слушале“.
Психолозите го поврзуваат овој феномен со т.н. Бадер-Мајнхоф ефект (илузија на фреквенција). Кога почнуваме да размислуваме или да зборуваме за нешто, полесно го забележуваме, па ни се чини дека одеднаш го гледаме насекаде.
Постојат и исклучоци
Иако нема докази за масовно прислушување на приватни разговори, одредени апликации користат микрофон за други цели. Некои мобилни игри, на пример, можат да препознаваат специјални аудиосигнали вградени во телевизиски реклами за да ги усогласат рекламите што корисниците ги гледаат на телефонот со оние на телевизија.
Исто така, истражувачи откриле апликации кои во заднина го снимаат екранот на корисникот без негово знаење, што претставува сериозно нарушување на приватноста.
Експертите заклучуваат дека фокусот на можноста за прислушување често го одвлекува вниманието од вистинскиот проблем. Компаниите што собираат и продаваат податоци располагаат со огромни количини информации за навиките на корисниците, нивните интереси, локации и онлајн однесување.
Со други зборови, технологијата не мора да ве слуша за да знае што сакате. Доволно е да го следи она што секојдневно го правите на вашите уреди.
Извор:
n1info.hr
Фото: Unsplash