Според новото истражување на научниците од Универзитетот на Мисури-Канзас Сити и Универзитетот на Аризона, луѓето денес разговараат помалку од кога било. Поконкретно, тие наведуваат дека помеѓу 2005 и 2019 година бројот на зборови што му ги изговараме на друго лице паднал за речиси 28 проценти, а целата ситуација дополнително се влошила по пандемијата.
Како што пишува „Волстрит журнал“, научниците го анализирале просечниот број на изговорени зборови (16.632 во 2005 година) врз основа на 22 студии во кои повеќе од 2.000 луѓе снимале аудиозаписи од своето секојдневие. Бидејќи нарачките преку апликации станаа вообичаени, допишувањето со пораки се зголеми, а животот сè повеќе се пресели онлајн, па бројот на изговорени зборови значително опадна. До 2019 година тој изнесувал околу 11.900 зборови дневно.
Бројот на изговорени зборови се намалувал за 338 годишно
Истражувачите утврдиле и дека помладите се поподложни на овој тренд. Лицата помлади од 25 години годишно изговараат 451 збор помалку дневно, додека кај постарите од 25 години тој пад е 314 збора. Во просек, бројот на изговорени зборови се намалувал за 338 годишно. Ако тој тренд продолжил, денес би можеле да зборуваме помалку од 10.000 зборови дневно.
Таквиот пад на комуникацијата, предупредуваат авторите на истражувањето, би можел да има и пошироки последици. Освен порастот на чувството на осаменост, сè почесто се истакнува и слабеењето на основните комуникациски вештини, како што се водењето разговор без прекинување на соговорникот или одржувањето на вниманието при разговор лице в лице.
Но, и покрај овие загрижувачки бројки, Валери Фридланд од Универзитетот во Невада смета дека нема причина за паника. Таа истакнува дека и мали промени, како што се почестиот разговор со децата или намалувањето на користењето на паметните телефони, би можеле да помогнат да се смени овој тренд.
Фото: freepik