На Стариот Континент речиси владее хармонија. Економскиот раст го зголемува нивото на вработеност до рекордно ниво, се намалува бројот на невработени, расте животниот стандард и социјалната ситуација се подобрува. Се зголемуваа и приходите од работа, па со социјални трансфери се зголемија приходите на домаќинствата на ниво на ЕУ и во големо мнозинство од членките. Би се рекло дека европската социјална држава речиси незасегната ја преживеала последната криза, но со оглед на тоа дека минатата есен како важен состав на ЕУ-политиката е „подигнат“ и дефиниран европскиот столб на социјални права, јасно е дека нештата не одат мазно и дека има обид околу тоа да се води посебна грижа, како на пазарот на труд така и на полето на социјалата.
Секако, нееднаквоста во ЕУ е далеку пониска отколку во Јапонија, САД или Австралија, а на ниво на Унијата гордо се истакнува дека се стабилизирала, односно се зголемила само малку, покажува најновиот извештај подготвен во Европската комисија под име „Вработеност и социјални движења во Европа: преглед за 2018“. Но, таа и понатаму е еден од главните социо-економски предизвици. Нееднаквоста се зголемила во една третина од членките во периодот од 2012 до 2016 година. Тоа може да се забележи во земји како Бугарија, Романија и Италија.
Бројот на оние што живеат во ризик од сиромаштија е голем, станува збор за дури 118 милиони луѓе и тој број не се намалил во согласност со прокламираната европска стратегија. Сепак, некои земји се поуспешни во поставените цели од другите. Така, Полска и Романија во голем дел ги исполниле целите.
Статистичката европска слика начелно покажува добри трендови, но со некои тврдоглави негативности и назнака за потенцијални опасности.
Во Европската Унија невработеноста лани падна на 7,6 отсто меѓу работната сила, поточно на 18,8 милиони луѓе (до април годинава дополнително се намали на 7,1 отсто, што е најнизок процент од 2008 година), а од тоа 3,8 милиони се млади на возраст од 15 до 24 години, што е значително под преткризното ниво. Невработеноста се намалила во сите членки - иако разликите меѓу нив се големи - а се намалува и бројот на долготрајно невработените, иако сѐ уште сочинуваат речиси половина од сите невработени и тоа се смета за сериозен проблем, особено во Грција, Шпанија и во Италија.
Значително е и зголемувањето на стапката на вработеност. Лани работеле 235,8 милиони Европејци постари од 15 години, што е за 3,5 милиони повеќе отколку во 2016 година. Трендот на раст е уочлив и оваа година - постигнат е нов рекорд во првиот квартал. Европската стапка на вработеност е 72,2 отсто, па ако продолжи овој тренд, ќе се постигне целта од 75 отсто, која е зацртана во стратегијата „Европа 2020“.
Повторно има исклучоци. Во Грција и во Латвија стапката на вработеност сѐ уште е повеќе од 10 отсто под врвот од 2008 година, додека во Хрватска, Бугарија, Литванија и во Шпанија бројот на вработени сѐ уште не го достигнал процентот од 2008 година.
Амбициозните и развиени земји целта ја поставија околу врвот, па Данска, Холандија и Шведска, на пример, се стремат кон 80 отсто.
Треба да се напомене дека има и нов тренд: во некои земји се очекува сѐ поголем недостиг на работници, а оние што ги пишуваат извештаите веќе ја нагласуваат Чешка, каде што во 2017 година е забележан најголем пораст на испразнети работни места од 2013 година во комбинација со најниска стапка на невработеност во ЕУ.
Иако моменталната состојба генерално може да се смета за релативно задоволителна, со акцент на рекордната вработеност, над социјалната слика на идната Европа има едно големо прашање: Што ќе му донесат технолошките промени на пазарот на труд?
Договорите на неодредено време сѐ уште се најзастапен начин на вработеност, но тие полека опаѓаат и сега се под 60 отсто, а растат разни нестандарни форми. Работната структура очигледно се менува. Самовработувањето станува сѐ почесто, како и привремените и повремени договори, што непропорционално ги погаѓа младите работници.
Фото: Pixabay
На моменталната европска војска од луѓе што не можат да се вработат бидејќи ги немаат стручните знаења и вештини треба да се додаде нова која ќе се појави на пазарот на трудот во текот на идната деценија, на бранот на четвртата индустриска револуција, ако набрзина не се оспособи за работа во новата доба.
Како што проценува шефот на „Сименс“, Џо Кајзер, речиси третина од работните места би можеле да бидат изгубени само во транзицијата која се подготвува во автомобилската индустрија со преминувањето на електричен погон во период од десет години. Тој тоа го опиша како една од најголемите трансформации што нѐ чекаат. Смета дека еден од клучните предизвици за индустриски лидери ќе биде тоа како одговорно да ги создадат автомобилите на иднината и добро да ја спроведат таа трансформација.
Тој нагласува дека со новата индустриска револуција, која вклучува дигитализација, исчезнуваат некои видови работни места, но настануваат нови, како што покажаа трите досегашни револуции. Решението, според него, ќе зависи и од владите и од бизнисот за да може работната сила, како и целиот синџир на добавувачи што ќе бидат зафатени од промените, да може да се подготви навреме.
- Би било пожелно владите и бизнисот да тренираат заедно. Владите треба да ја дадат рамката, а приватниот сектор да ја потполни со содржина - порача Кајзер.
Од Европската комисија порачуваат дека политиката се подготвува и додаваат дека иако сегашните високи стапки на вработеност може да сугерираат дека има малку причини за грижа, иднината би можела да биде малку поинаква, а човековата работа во голема мера да биде заменета со машини. Пораката е: вложување во образование, и тоа итно, како и тоа дека членките на ЕУ мора да осигурат дека користа од новите технологии и новите начини на работа чесно се дели меѓу граѓаните. Се напоменува и дека претстојната трансформација ќе претставува политички предизвик. Секако, европскиот столб на социјални права би требало во тоа да биде темел, со порака за итност за осигурување еднакви можности и пристап до пазарот на труд, праведни работни услови и социјална заштита и
вклученост.