Најдобар резултат од македонската репрезентација остварил Павле Стојановски со 24 убиства и 4 асистенции. Јане Апостолоски вели дека ова е првпат за македонскиот е-спорт, македонски тим да стане светски шампион во барем еден наслов од игри, во случајов „Counter Strike: Global Offensive“
Јане Апостолоски „aidKiT“ е 20-годишен студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ и е дел од петчлениот тим на македонската репрезентација што стана светски шампион во компјутерската игра „Кантер страјк: Глобал офенсив“ („Counter Strike: Global Offensive“), по победата над Романија на Светското првенство во Израел. Претходно, во полуфиналето, нашиот тим ја победи репрезентацијата на Украина.
Ваквиот голем успех за македонскиот е-спорт младиот Јане го постигнал заедно со Александар Ќулукоски „CacaNito“, Дамјан Стоилковски „kyxsan“, Павле Стојановски „stYleEeZ“ и Кристијан Поповски „FODOR“.
Светското првенство се одржа од 16 до 18 ноември во Израел, каде што учествувале 11 тима. Македонија како шампион ја освои наградата од 10.000 долари. Најдобар резултат од македонската репрезентација остварил Стојановски со 24 убиства и 4 асистенции.
Јане вели дека ова е првпат за македонскиот е-спорт, македонски тим да стане светски шампион во барем еден наслов од игри, во случајов „Counter Strike: Global Offensive“.
Не ја очекувале оваа победа, а се надеваат дека и други тимови во иднина ќе имаат поголеми успеси во другите игри.
Вели дека е преубаво чувството да се освои еден ваков турнир и да се прави она што навистина се сака.
И за е-спортот е потребен редовен тренинг
За овој турнир тимот интензивно вежбал две недели.
- Имавме постојани тренинзи. Дневно вежбавме најмалку четири до шест часа - посочува младиот играч.
Смета дека како и во секој спорт, така и во Counter Strike потребно е да се вложи повеќе време, во насока на тоа да се научат основни начини за тоа како треба да се игра играта, односно да се направи стратегија на играње.
- Нашиот тим го сочинуваат пет члена и еден тренер. Сите заедно треба да најдат стратегии како да постигнат одреден успех, односно да победат определена екипа. Во случајот, нас нè зближи самата хемија што се појави во тимот со заемно играње и тренирање. Така сфативме дека можеме да направиме успех. Баравме доста добри играчи за да можеме го постигнеме ова. И ете, се случи тоа што се случи - радосно истакна Јане.
Јане Апостолоски
Во игрите ја гледаме нашата иднина
Младиот играч посочува дека играњето игри многумина го сметаат за залудно потрошено време, односно време кое не е искористено на вистински начин.
- Но, ова сериозно може да стане професија од која може одлично да се заработува, но и да се направи кариера во оваа сфера. Е-спортот навлегува како во светскиот оригинален спорт така и во македонскиот - заклучува тој.
Во тимот сите се врсници и студенти.
- Сепак, ова ни е професија. Тука се гледаме и во иднина. Особено по овој постигнат успех. Идејата е да продолжиме напорно да работиме и да учествуваме на што е можно поголем број интернационални турнири, со мисија за уште подобри резултати на светско ниво - посочува Јане.
Смета и дека пандемијата на ковид-19 имала удел за развојот на е-спортот.
- Седењето дома си го направи своето. Но, се гледаме на врвот на ранкингот во светот -додава тој.
Мотивира желбата за успех
Јане вели дека во секојдневието функционира исто како и поголемиот дел од неговите врсници.
Сепак, смета дека на помладите од него им треба повеќе мотивација во насока да се трудат да го прават она што навистина го сакаат.
- Младите, но и мојата генерација треба да се вложуваат доволно во она што навистина го сакаат. Потребни се трпение и труд, а успехот сам ќе си дојде зашто него ништо не може да го спречи - заклучува тој.
Смета дека за македонските е-спортисти, важно е и тоа што државата е на добар пат да стане значаен фактор во светот на е-спортовите.
Фото: приватна архива