X
 15.12.2021 Издвојуваме

Да се помага е благодат, но и „кул“, вели волонтерот на годината Димитар Тануровски

Тануровски смета дека преку волонтерството се стекнуваат навики уште од најмала возраст, како да се работи, како да се има чувство за одговорност и да се биде доследен на дадениот збор

Волонтерството е една од најценетите активности во светот, особено кога во таа приказна ќе влезат младите. Единствениот бенефит е да се помогне, што во денешниот современ свет е подзаборавена особина меѓу луѓето.
Пример за тоа е 22-годишниот Димитар Тануровски, студент на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој неодамна ја доби наградата „Волонтер на годината“ за 2021, признание за вреднување на неговиот труд што изминативе години го вложил во волонтерството.
Заедно со него, ова награда ја добија уште 11 волонтери од целата земја, како најистакнати во волонтирањето.

Тој е волонтер и член на Црвениот крст на Македонија, Општинска организација Центар уште од 2014 година.
Во Црвениот крст Тануровски има остварено огромно волонтерско искуство преку голем број активности, особено во делот на здравствено-превентивната дејност.
Своите волонтерски часови најмногу ги посветува на обуки и промоција на првата помош.



За Тануровски, да се биде волонтер и да се помага, е огромен благодат и посебна привилегија.
- Ако имаш желба да помогнеш, да подадеш рака и да подобриш нечиј ден, треба да се обидеш со волонтерството. Да се биде волонтер, потребно е да се има желба и решителност да направиш промена. Волонтираш поради чувството длабоко во себе што сака да помага и чувството дека си му бил од помош на некој. Црвениот крст сите ги пречекува со отворени раце, токму затоа сите волонтери се чувствуваме како да сме дел од едно големо семејство - вели тој.

Неговата функција во Црвениот крст е координатор за надворешна соработка.
- Одговорен сум за обезбедување правилна дисеминација на информации помеѓу државните организации и Црвениот крст, остварување соработки со други организации, координирање на интернационални настани - вели тој.

Како позитивно да влијаеш врз околината

Тануровски смета дека преку волонтерството се стекнуваат навики уште од најмала возраст како да се работи, како да се има чувство за одговорност и да се биде доследен на дадениот збор.
- Учиш како да го почитуваш туѓото време и како позитивно да влијаеш врз својата заедница. Преку различни тренинзи и едукации стекнуваш нови вештини и знаења. Секој волонтер има можност за свој личен развој и надградба, дали на личен или на професионален план - објаснува тој.

Смета дека има многу млади што се заинтересирани и подготвени да го посветат своето време на волонтирање во различни организации.
Најголемата дилема дали да продолжи со волонтерството имал на почетокот на студиите по медицина, кога се прашувал дали ќе има доволно време да го усогласи учењето со активностите во Црвениот крст.



- Во тој период решив мојата последна активност да биде подготовка на екипите составени од основци за градскиот натпревар по прва помош. Непосредно по натпреварот две деца кои беа членови на екипата спасија живот на човек на улица кој имал епилептичен напад. Веднаш повикале брза помош, останале до него и го свртиле во странична положба. Кога ја дознав оваа вест, јасно ми беше дека секогаш ќе имам време за волонтерство во Црвениот крст - раскажува Тануровски.

Бенефит да се научи, но и да се пренесат знаења

За Тануровски, да си волонтер е „кул“.

- Ние сме прилично голема заедница и многу лесно се препознаваме каде и да сме, кога го носиме амблемот, но и кога не го носиме. Да се биде волонтер е секогаш „ин“.

Неговите врсници со восхит гледаат на волонтерството. Младиот Тануровски вели дека видел огромен бенефит од неговото волонтирање.

- Мојата идна професија е доктор, затоа решив да се вклучам во активностите кои засегаат прва помош, медицинска едукација и превенција. Имам многу можности да учам од колеги кои се многу поискусни и знаат да пренесат знаења што не секогаш би можеле да ги прочитаме во книга или да ги видиме на вежби. Има некој посебен вид учење кога работиме на терен, и што на еден начин сме оставени сами на себе и сме одговорни во тој момент.

Посочува дека искуството како волонтер му помогнало и за време на студиите, особено за клиничките предмети.

- Имав можност да бидам парамедик на јужната граница во бегалскиот камп „Винојуг“ во Гевгелија. Таму можев да учам од доктори од Обединети нации, но и да соработуваме со многу други организации кои им укажуваа нега на бегалците. Ова ми даде многу поинаков поглед за тоа што претставува грижа за пациент, но и пристап кон медицинската наука - заклучува младиот волонтер.



Пандемијата ја поттикна желбата за волонтирање


Тануровски смета дека за време на пандемијата се увидела колкава е потребата од волонтери, без разлика дали ќе бидат дел од вакциналните пунктови или, пак, ќе помагаат во мобилните тимови што пазареа за ранливите категории лица.
- Но, имавме и огромен наплив од нови млади волонтери, сите беа желни на некој начин побрзо да заврши оваа пандемија и да помогнат во целиот тој процес - вели тој.
Според него, пандемијата покажала и начин на дејствување кој донел поинаква динамика во волонтирањето.

- Брзајќи секој да ја добие потребната терапија, никогаш нема да ги заборавам празните улици во полицискиот час. Летово кога имавме кризна состојба со шумските пожари во Источна Македонија, типичен ден ни се состоеше од товарање хуманитарна помош и брзање до опожарените предели за да им ја однесеме на оние на кои им беше потребна - објаснува Тануровски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме