X
 24.01.2019 Наука

Кина потврди дека уште една жена носи бебе со модифицирани гени

Кинеските власти потврдија дека уште една жена носи дете чии гени биле модифицирани од страна на контроверзниот научник Хе Џјенкуи. Тој во ноември објави дека направил клинички експеримент кој вклучувал и модификација на гени на ембриони.

Првичните истраги на кинеските власти посочуваат дека Хе ги фалсификувал етичките одобренија за да ја добие довербата на осум пара составени од ХИВ-позитивни татковци и ХИВ-негативни мајки.

Две жени останале бремени. Една веќе родила близнаци, а другата очекува бебе. Еден пар се повлекол од студијата, додека останатите пет жени не успеале да останат бремени.

Хе истакнал дека единствената модификација на гени што ја направил со помош на технологијата ЦРИСПР била за да се осигури дека бебињата ќе бидат имуни на ХИВ-вирусот. Еден истражувач за кинеските медиуми истакнал дека бремената мајка и двете девојчиња од првата жена ќе бидат под медицинско набљудување.

Хе не понуди научни докази за да ги поддржи своите тврдења, ниту пак тие биле независно верификувани. Сепак, информациите што ги обезбеди Хе беа доволни за научната заедница да ги оцени неговите постапки како неетички.

Кинеските власти истакнаа дека работата на Хе е илегална и дека планираат да поднесат тужба. И од универзитетот во кој работеше Хе се оградија од неговите постапки, ги осудија и посочија дека Хе бил на неплатен одмор кога ги правел испитувањата.

Хе ги бранеше своите постапки на Вториот меѓународен самит за модификација на човечки гени на 28 ноември минатата година во Хонг Конг велејќи дека е горд на неговата работа.

Модификацијата на човечкиот геном со користење на CRISPR е илегална во повеќето земји, вклучително и во Кина. Научниците велат дека технологијата која овозможува отстранување и замена на гени со голема прецизност сè уште е нова за да може да се користи на луѓе.

Инцидентот предизвика интерес во целиот свет, а многу биоетичари и научници повикаа на построги контроли на CRISPR технологијата и поголема транспарентност кога станува збор за испитувањата на геномите.

Со точно какви казни од кинеските власти би можел да се соочи Хе сè уште не е јасно, но неодамна се појавија вести дека му се заканува смртна казна.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука