X
 24.05.2023 Наша тема

„Децата немаат концентрација за читање книги, нема култ кон книгата и јазикот, нивниот ум е адаптиран кон новата технологија“

Да им читаме од најрана возраст на македонски, да им пееме на македонски, да им раскажуваме приказни на македонски, да ги учиме да рецитираат на македонски, да гледаат цртани филмови и театарски претстави на македонски и да научат првин македонски, а потоа сите други јазици, истакнува Татјана

Денеска го славиме Денот на сесловенските просветители и учители или Денот на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Празник во чест на основачите на првата словенска азбука – глаголицата. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата „Св. Богородица“ во Скопје.
Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Во нивна чест, и во чест на македонскиот јазик, разговаравме со професорки по македонски јазик со цел да ни споделат колкав е интересот на учениците за македонскиот јазик, колку го почитуваат и колку се писмени по мајчин јазик.

Без стратегија за менаџирање на Катедрата по македонски јазик


Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, прво што ни сподели е дека на Катедрата за македонски јазик и книжевност сѐ помалку се запишуваат студенти, минатата година само 16 од вкупно 190 слободни места.

- Сите други катедри за јазици, на чело со информатичкиот јазик, собираат многу повеќе студенти отколку Катедрата за македонски јазик. Ова се поразителни факти кои водат кон заклучок дека за македонистите нема работа во сопствената земја, ниту пак државата има стратегија за менаџирање на најдрагоцената катедра, фундаментот, базата, јадрото, суштината на опстојувањето на една држава, нејзина метафора и симбол. И не ги обвинувам студентите, повторно сме виновни ние, возрасните. Возрасни по години, но не и по зрелост и одговорност, доволно возрасни да им ја всадиме љубовта кон јазикот за да го студираат и професионално да се ангажираат со дипломата по македонски јазик и книжевност. Младите гледаат каде може да се вработат, да го продадат знаењето на пазарот на трудот, а тоа, за жал, не е обезбедено за дипломиран македонист. Тоа е и мој пораз, како наставник по македонски јазик, што многу малку наши ученици се запишуваат на македонски јазик, повеќето одат на странски јазици или компаративна книжевност, како поголеми можности за вработување - споделува професорката.

Таа има дипломирано на Катедрата за општа и компаративна книжевност и вели дека со љубов предава македонски јазик и литература.

- Низ предавањата им ја пренесувам љубовта кон македонските дејци и писатели од старословенската писменост до ден-денешен. Со драмската и хорска секција направиме претстава ,,Јазик“ по повод 65 години РЈК ,,Корчагин“, каде што театрално и музички беше претставена генезата на нашиот јазик. Во најновата хуманитарна претстава за наш Марко, ,,Чекајќи го...“, главен лик е книгата и сета нејзина историска судбина до ден-денешен – дополнува таа.



Причини за читање книги - сѐ помалку

Според нејзините впечатоци, децата изгубија читачка енергија, концентрација за читање книги, култ кон книгата и јазикот...

-Нивниот ум е адаптиран кон новата технологија и вештачка интелигенција. Грчевито се бориме за читање ,,пешки“, читање книга в раце, со подвлекување, бележење, вадење цитати... Ако не се чита, не може да се зборува, ниту пишува, сѐ е поврзано, каузално... Причини за читање книги сѐ помалку, затоа е сѐ поголема неписменоста како последица и на крајот заклучокот е едноставен: ти си тоа што го читаш и пишуваш, а не тоа што го правиш, носиш, чиниш... Може сѐ да одглумиш, да поткупиш и купиш, но не и умноста, таа те издава уште во првите седум минути разговор. Учениците се искомерцијализираа, учат за оценки кои им се услов за упис. Сѐ што е условено не е добро, ниту квалитетно. Сѐ повеќе се зависни од компјутери и вештачка интелигенција. За нив мисли и памети компјутерот, потпрени се на него. Ни таблица множење веќе не знаат напамет, ниту се оптоваруваат со паметење телефонски броеви, родендени, значајни датуми. Сѐ е меморирано во смарт-таблети. Затоа мрморат наместо да говорат. Треба да учат и да читаат со љубов, само така ќе се изградат во професионалци, но и државата и властодршците треба да го почитуваат професионализмот како приоритет за вработување и висина на плата – истакнува Татјана.

Додава дека нејзините причини да ги мотивира децата се пропорционално сѐ посилни.

- Колку повеќе се обезвреднуваат знаењето и читањето книги, толку повеќе им ги јакнам мотивите и инспирирам да се борат со единственото нешто што никој не може да им го украде, единствениот лек против фрустрации и комплекси, единственото ковчеже кое го носат со себе и каде и да го отворат, тие ќе се лидери по ум и вештини, а тоа е постепеното и во континуитет стекнато знаење. Можеш преку ноќ да станеш богат, убав и славен, но паметен, вешт и мудар не можеш. За тоа треба време и посветеност. Проблемот е глобален, дојде време кога умот се мери со материјално богатство, кога дивите ги избркаа питомите, а децата тоа го гледаат и го прифаќаат како роул модел – категорична е професорката.

Универзитетски професори се занимаваат со употреба на голема и мала буква


Задолжителниот наставен материјал се обидува да им го пренесе на начин кој е попривлечен, па прават компаративни анализи, поврзување книги со театар и филм...

- Пренесувам знаење со приоритетна почит кон македонската култура и јазик, секогаш ставам акцент на минималните услови во кои твореле и се бореле нашите културни дејци и нивните оптимални заложби и резултати. Лесно ѝ било на Европа да даде просветители и филозофи како Волтер, кој пишувал со полна творечка слобода, школуван на престижни универзитети, додека нашите учебникари, верски просветители и печатари преведувале и печателе библиски текстови на народен јазик, учителствувале по црквите, под цензури и закани од сите страни... Нивната енергија била неспоредливо поголема од сите тогашни европски и светски писатели и културни дејци – вели Алексиќ.
На прашањето колку децата се писмени денес, таа вели:
- Секако дека се функционални писмени по девет години основно училиште, но треба уште многу да се доописменуваат во средните училишта за да можат поефективно да го следат високото образование. И ние во средно се среќаваме со елементарни грешки во нивните писмени задачи, а замислете универзитетски професори да се занимаваат со употреба на мала и голема буква! Писмените може и да се препишуваат, но усниот одговор е најверодостоен. Сѐ почесто им недостига зборовен фонд, ,,пошо секад чилаат по фб и мрак им е токот”... Не се читаат книги! Таму е најдобриот пат за квалитетно и комплетно описменување – нѐ информира Алексиќ.

Богатство од јазични единици, македонски изрази и зборови, добра дикција и правилно изговорена реченица до крај, се сѐ поретки при усната интерпретација.
Кога станува збор за грешки кај учениците, ги набројува уфрлените зборови, позајмени, кратенки ,,здр, плс, пеер... ,,сѐ уште“ уште го пишуваат слеано, а по секој збор уфрлаат ,,значи“ и ,,сфаќаш“.

Како можеме сите да придонесеме за подобрување на македонскиот јазик кај децата?

-Да им читаме од најрана возраст на македонски, да им пееме на македонски, да им раскажуваме приказни на македонски, да ги учиме да рецитираат на македонски, да гледаат цртани филмови и театарски претстави на македонски и да научат првин македонски, а потоа сите други јазици!

Читаат литература на англиски


Според Радмила Илиева-Стојановска, наставничка по македонски јазик, учениците денес се исти како што сме биле и ние на таа возраст. За интересот за македонскиот јазик, најбитно е самото залагање од страна на наставникот по македонски јазик.



- Секоја професија бара вложување. Во нашата професија треба да се вложи и многу љубов и многу почит кон учениците. За да имаме исполнет час, треба да си дадеме доза на креативност, истражување и слобода на говор. Учениците ја чувствуваат таа меѓусебна доверба. Сите ученици се посебни индивидуи. Некој има интерес за лектира, некој за пишување поезија, некој за драма, глума, некој за граматика. Описменувањето е уште од мала возраст. Во погорните одделенија тоа само се зголемува. Сепак, до кој степен ќе оди таквиот развој, зависи од самиот ученик. Не би можела да зборувам во име на сите ученици, сите ние за нешто сме подобри, за нешто послаби. Некој доколку не ја прочитал лектирата, секако дека ќе му биде тешко или за лекциите по граматиката, тестот ќе биде проблем. Сѐ зависи од вложеното учење од страна на самиот ученик - смета наставничката.

Во однос на писмената комуникација, вели дека прават правописни грешки.

- Во однос на анализа на песни, се случува кога се анализира песна, на пример, да се испушти некоја стилска фигура, па заедно со соучениците да ги поправиме таквите грешки. Истото се однесува и во однос на морфолошката анализа на реченици. Но се учиме и од сопствените и од туѓите грешки. Најголем акцент ставам на читањето, доколку ученикот има вродена љубов кон читањето, на тој начин се збогатува во секој сегмент. Подобро изговарање, подобро пишување, мислата подобро тече. Не сум против интернет-комуникацијата, но постојано им велам и во електронска форма да прочитаат нешто. И задолжително ги советувам да се пишува кирилица во тие интернет-комуникации – вели Радмила Илиева-Стојановска.

Кај некои ученици забележува дека се насочуваат кон читање англиска литература.

-Не сум против англиската литература, но како што ни напиша Партениј Зографски: „Учи напред книга на свој јазик, после ако имаш време, учи и на други јазици. Тој што учит книга на туѓ јазик, а не на својот, тој е еднаков со оној што ја отфрлаат мајка си и на место нека земаат друга“ - посочува таа.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема