Ја заборавивте лозинката за „Гугл“? Новата опција за најава преку селфи-видео овозможува брз и безбеден пристап до вашата сметка, со високо ниво на заштита на приватноста.
„Гугл“ претстави нова функционалност која на корисниците им овозможува пристап до сметката со помош на кратко селфи-видео. Оваа опција е осмислена првенствено како брза и безбедна алтернатива во случаи кога ќе ја заборавите лозинката или ви е потребна дополнителна потврда на идентитетот.
За да ја активирате, најпрво треба да се помине кратка постапка за приспособување. Насочете ја камерата кон лицето и следете ги едноставните упатства. Се работи за неколку движења со главата за системот да го забележи лицето од повеќе агли и да создаде прецизен профил.
Откако почетната снимка ќе се зачува, најавата станува исклучително едноставна. При идните обиди за пристап до сметката (на пример, во случај на заборавена лозинка), „Гугл“ ќе побара од вас ново кратко видео, ќе го спореди со примарната снимка и во случај на совпаѓање, за неколку секунди ќе ви одобри пристап.
Бидејќи станува збор за биометриски податоци, „Гугл“ нагласува дека заштитата на корисниците е обезбедена преку неколку клучни нивоа:
- Целосна контрола: зачуваната видеоснимка можете да ја избришете од поставките на вашата сметка во кој било момент.
- Строга намена: снимката се користи исклучиво за идентификација при најава, освен ако самите не дадете согласност за дополнителни цели.
- Шифрирање на податоците: сите зачувани податоци се шифрирани, што значи дека се заштитени од неовластен пристап дури и кога не се користат.
- Заштита од хакирање: Системот користи повеќе слоеви на напредна безбедност за ефикасно да препознае и да спречи обиди за измама со помош на статични фотографии, монтирани снимки или лажни видеа.
Оваа функција наскоро би требало да биде достапна за поширок круг корисници.
Фото: magnific