X
 24.09.2018 Живот

За келнерките на „Октоберфест“ нема одмор

Од саботата Ангела Хопер секој ден им носи по неколку стотици литри пиво на посетителите на „Октоберфест“. До крајот на фестивалот ќе оствари завидна километража.

- Кога почнував, никој не веруваше во мене. Луѓето ми велеа дека нема да успеам - вели оваа 25-годишна келнерка потсетувајќи се на својот прв „Октоберфест“ од пред две години.

Ангела е висока 167 сантиметри и тешка само 54 килограми.

Сепак, нејзините родители и пријатели не биле во право. Таа ги издржала тие 16 дена, а единствената последица била болката во стапалата.

- Добро се подготвив. Мојот тренер смисли посебен режим за тренирање за задникот и долниот дел од грбот, нозете, бицепсите и трицепсите - вели таа.

Тоа се клучни делови од телото за кревање и носење на тешките кригли пиво.

Ангела раскажува дека на секој келнер или келнерка не му е потребен посебен тренинг. Некои можат да носат и до 14 кригли одеднаш, а Ангела може осум. Наполнета, секоја од нив тежи повеќе од два килограма.

Келнерките работат во групи од по четири лица. Ако една не може да дојде, тоа за останатите значи катастрофа.

- Лани нѐ фати грип. Три дена имав висока температура. Тоа навистина исцрпува, но не можев да го изневерам својот тим. Три не можат да го издржат товарот - раскажува Ангела.

Пред почетокот на фестивалот таа купила завои, фластери и аналгетици.

- Мора да бидете подготвени на сѐ - вели таа.

Минатата година еден од посетителите повратил над неа. Брзо се пресоблекла и продолжила да носи кригли.

- Нема замор, бол или мачнини - вели Ангела.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот