- Драги наши, бидејќи сѐ уште не успеавме да пронајдеме келнери или келнерки, привремено не можеме да ве услужиме на масата, па љубезно ве молиме да одите до продажниот пулт и да им се обратите на продавачките - ова е содржината на натписот што веќе подолго време ги пречекува гостите во една популарна пулска слаткарница во која по зимската пауза, сѐ уште трае потрагата по персонал кој е потребен за организирање на работата и влегување во новата летна сезона.
Меѓутоа, не станува збор само за споменатата слаткарница, туку проблем е недостигот на работна сила во туристичката индустрија воопшто, трговијата и во другите услужни дејности, што беше очигледно уште минатата година. Со овој проблем е погоден значаен дел од секторот.
Во Пула и во околината во овој момент недостигаат готвачи, келнери и придружен угостителски персонал, а проблемот, во повеќето случаи, повеќе не претставува висината на платата или преговорите за услови за работа, туку тоа што на огласите за слободни работни места често не се јавува никој.
За разлика од
ситуацијата од пред неколку години, кога информациите за работно место и можност за работа често мораа да се дознаат преку врски, денес за тоа нема потреба. Информации за слободните работни места во сезоната се шират на сите страни, но заинтересирани нема.