24.11.2018
Живот
Првпат по две децении намалено населението во Пекинг
Населението во главниот град на Кина во 2017 година се намалило првпат по две децении, покажуваат официјални податоци што ги објави кинеската агенција „Синхуа“.
Во 2017 година бројот на постојани жители на Пекинг изнесувал над 21 милион, што е за 22.000 помалку отколку во 2016 година, соопштија локалните власти.
Според истиот извештај, бројот на постојани жители во шесте урбани средини во градот продолжува да опаѓа. Во 2016 и 2017 година во Пекинг е регистриран вкупен пад од 740.000 постојани жители во шест окрузи, што претставува намалување за 3 отсто две години по ред.
И покрај тоа што целта на големите градови како Пекинг и Шангај е контрола на растот на населението, Кина генерално се обидува да преземе акција за зголемување на наталитетот, кој се намалил во 2017 година и годинава се очекува да продолжи да паѓа.
Во Кина во моментов има 240 милиони стари лица, но се очекува до 2035 година нивниот број да достигне 400 милиони, што ќе ги загрози здравствениот и пензискиот систем во земјата.
Извор: МИА