26.03.2019
Живот
Значителен пораст на емисиите на јаглероден диоксид во светот во 2018 година
Светските емисии на јаглероден диоксид (CO2) што произлегуваат од енергентите забележале раст во 2018 година, според извештај на Меѓународната организација на енергија.
- Емисиите беа во застој помеѓу 2014 и 2016 година, плод на голем напредок во смисла на енергетската ефикасност и новите технологии, но динамиката се измени во 2017 и 2018 година - констатира организацијата во својот најнов извештај.
Додека побарувачката за енергија продолжила да расте, енергетските технологии не се развивале доволно брзо. Па така, минатата година емисиите на CO2 од сите енергенти (нафта, гас, јаглен, обновлива електрична енергија и друго) се зголемиле за 1,7 отсто.
Главни виновници за оваа состојба се Кина, Индија и САД, кои се одговорни за 85 отсто од ова зголемување, додека Германија и Велика Британија бележат намалување на штетните емисии благодарение на инвестициите во зелени и обновливи енергии, на штета на јагленот. Подобрување е констатирано и во Јапонија благодарение на повторното пуштање во употреба на нуклеарните реактори, како и во Франција преку интензивното производство на енергија на нуклеарните централи.
- Овие податоци уште еднаш покажуваат дека е потребна итна акција на сите фронтови и развивање решенија за чиста енергија - истакна извршниот директор на организацијата, Фатих Бирол.
Извор: МИА