X
 24.12.2018 Наука

Еве што довело до изумирање на многу видови на Земјата

Пред 2,6 милиони години невообичаено силна светлина пристигнала до праисториското небо и таму останала со месеци. Светлината била супернова, експлозија на ѕвезди на некои 150 светлосни години оддалечена од Земјата.

Во рок од стотина години, долго време откако избледила необичната светлина, цунами од космичка енергија и ѕвезда што се распаѓала можеле да стигнат до нашата Земја и да ја наполнат атмосферата предизвикувајќи климатски промени и масовно истребување на животните во океаните, вклучувајќи и видови на ајкули кои тогаш биле големи колку автобус.

Ефектот на овие супернови врз животот во океаните научниците го опишале во нивниот труд.

- Вакви истражувања спроведувам веќе 15 години и отсекогаш беа засновани на општото познавање на универзумот - дека овие супернови морале да имаат влијание врз Земјата во одреден момент - вели водечкиот истражувач Адријан Мелот, професор по физика и астрономија на Универзитетот во Канзас.

- Овој пат е различно. Имаме силни докази за настаните во близина во одредено време. Знаеме колку тие биле оддалечени, па можеме да пресметаме како влијаеле врз Земјата и да ги споредиме со она што го знаеме за тоа што се случило во тој момент, многу попрецизно - вели Мелот.

Последните истражувања на Мелот, кои откриле наслојки на радиоактивен изотоп на железо на дното на океаните, даваат релевантни докази за времето и растојанието на суперновата.

- Уште во средината на 90-тите години луѓето велеа: - Барајте железо-60. Тоа е показател бидејќи нема начин да стигне на Земјата освен со експлозија на ѕвезда. Значи тоа морало да „паѓа“ на Земјата. Постои дискусија за тоа дали била само една супернова во близина или цел синџир. Склон сум на комбинации - голем синџири на експлозии со една што била невообичаено силна и блиска - вели Мелот.

Тимот на Мелот наведува дека постојат и други докази за серија на супернови во архитектурата на универзумот.

Но, без оглед на тоа дали била една супернова или серија, енергијата што наталожила слоеви на железо-60 низ светот предизвикала и продирање на честички познати како миони на Земјата, предизвикувајќи рак и мутации - особено кај големите животни.

- Најдобар опис на мион би бил многу тежок електрон - но мионот е стотина пати потежок од електронот. Тој продира доста брзо. Во нормални услови, голем дел од мионите поминуваат низ нас. Повеќето поминуваат без да нанесат штета, но околу петтина од дозата на зрачење доаѓа од мионите - вели Мелот.

Само мал дел од тие миони ќе имаат ефект, но кога бројот е толку голем и енергијата толку висока, имате зголемен број на мутации и карциноми - тоа бил главниот биолошки ефект.

- Проценуваме дека стапката на заболување од рак пораснала за 60 отсто кај суштества со големина на човекот, а колку биле поголеми, толку било полошо. За слонот или китот, дозата на зрачење била многу поголема - вели научникот.

Суперновата пред 2,6 милиони години може да биде поврзана со изумирањето на големите ајкули на границата на геолошкиот период плиоцен и плеистоцен, кога изумреле 36 отсто од животинските видови. Изумирањето било концентрирано кај животни што живееле покрај крајбрежните води.

- Еден од видовите што исчезнале пред 2,6 милиони години бил мегалодонот, ајкула со големина на автобус. Можеме да шпекулираме дека мионите играле улога - вели Мелот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука