X
 24.12.2023 Наука

Визијата на Безос за иднината вклучува живот во вселенски станици и туристички посети на Земјата

Џеф Безос долго сонувал дека ќе патува во вселената. Неговата компанија „Блу ориџин“ сега нуди комерцијални летови до работ на вселената, а Безос беше на еден од нив. Тој размислува и за подалечната вселена. Во едно интервју ја отфрли идејата за колонизација на други планети и даде свое предвидување за човечкото освојување на вселената.

- Би сакал да видам билион луѓе што ќе живеат во Сончевиот Систем. Да имаме билион луѓе, во кој било момент би имале 1.000 Моцарти и 1.000 Ајнштајни. Единствен начин да дојдете до таа визија се големите вселенски станици. Планетарните површини едноставно се премали - појасни Безос.

Неговата идеја е да се изградат огромни вселенски станици со користење материјали од Месечината и астероидите. Тие вселенски станици потоа би биле дом за луѓето, а Земјата би се посетувала како дестинација за одмор. Во визијата на Безос вселенските колонии би помогнале во одржувањето многу поголеми популации.

Луѓето би можеле да одберат дали ќе живеат на Земјата или во вселенска станица, но оние што ќе се одлучат за втората опција ќе може да користат многу повеќе енергија и материјални ресурси отколку оние на Земјата.



Безос е свесен дека такво нешто не би можело да се реализира во неговиот животен век, но го доживеал развојот на вештачката интелигенција. Тој е оптимистичен за влијанието на ваквата технологија на човештвото.

- Вештачката интелигенција има потенцијал да ги спаси луѓето од изумирање - вели Безос.

Според него, многу е поверојатно дека ваквите алатки ќе ги спасат и ќе им помогнат на луѓето, а не да ги уништат. Вештачката интелигенција има потенцијал да им помогне на луѓето да развијат подобри лекови и алатки за развој на повеќе технологии кои ќе обезбедат долгорочно преживување.

Од друга страна, Безос повеќе е загрижен за нуклеарното оружје и климатските промени. Тој посочува дека луѓето мора да почнат да размислуваат долгорочно, а не да гледаат само на краткорочните резултати.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: X (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука