Нерасположени сте? Имате страв од летање? Ако одите на Меѓународниот аеродром во Сан Франциско, тогаш ќе наидете на нешто што ќе ви го разубави денот. Имено, „Бригадата Вег“ ја сочинуваат 22 неодоливи кучиња и прасето Лилоу, кои нудат терапија. Сите животни се достапни и подготвени да ви помогнат да заборавите на вашите грижи.
Аеродромот во соработка со друштвото за спречување злоупотреба на животните во Сан Франциско ги запознава патниците со кучињата кои имаат сертификати од програмата за терапија со помош на животни. Животните се шетаат наоколу и помагаат за подобрување на расположението на луѓето.
Голем дел од членовите на „Бригадата Вег“ имаат сопствени инстаграм-профили.
Програмата почнала со работа во декември 2013 година и оттогаш кучињата им помогнале на многу луѓе што се чувствувале лошо. Прасето Лилоу неодамна се приклучило. Таа е хипоалергенична, може да ве поздрави со мавтање со опавчето, може да стои на задните нозе и да настапи со нејзината пијано-играчка.
Според Џенифер Казаријан, менаџерка на програмата, во 2013 година забележале тренд кај неколку други авиони што имале слични програми.
- Од мене беше побарано да ги разгледам и анализирам овие програми и да видам дали можам да создадам нешто забавно и уникатно за Меѓународниот аеродром во Сан Франциско. Идејата за терапевтски кучиња на аеродромите се јави по нападот од 9/11 кога еден вработен на аеродромот во Сан Хозе го однел на работа своето терапевтско куче за да ги смири патниците што имале анксиозност - вели таа.
- Научните истражувања покажуваат дека миленичињата нè прават посреќни и поздрави. Кучињата сакаат да ги направат луѓето среќни. Докажано е дека галењето кучиња го зголемува нивото на окситоцин, хормон одговорен за чувството на среќа, а го намалува кортизолот, хормон одговорен за нашиот стрес и вознемиреност - вели Џенифер.
- Сите животни од бригадата се лични миленичиња и кога не се на должност, тие си продолжуваат со секојдневните рутини. Повеќето од животните живеат во Сан Франциско и уживаат во забавни активности. Некои дури и волонтираат во локалните болници, старски домови, факултети, програми за читање приказни на кучиња итн. Нашата главна цел е да им обезбедиме на луѓето незаборавно искуство на аеродром. Нашите кучиња полагаат тестови и мора да поминат соодветна програма. Потоа тие се оценуваат за нивниот темперамент и дали се соодветни за на аеродроми. Особено е важно животните да бидат добри со децата. Бараме животни со стабилен темперамент, пријателски карактер, беспрекорни манири и послушност - додава таа.
- Честопати слушаме дека луѓето велат: „Ми недостига кучето повеќе од сопругата“ или „Само што се вратив од двонеделен одмор и ова е најдобриот дел од моето патување“ - се шегува Казаријан за тоа колку патниците уживаат во емоционалната поддршка што им ја нудат овие животни.