X
 23.07.2020 Наука

Кучињата може да го користат Земјиното магнетно поле за навигација

Кучињата имаат завидно чувство за насоки. Дури и во целосно непознато место, нашите миленици имаат мистериозни начини за наоѓање скратен пат.

Првпат чешки научници најдоа докази дека кучињата можат да го користат слабото магнетно поле на Земјата за навигација.

Како точно го прават тоа и до кој степен, сè уште не е јасно, но изгледа дека ова скриено сетило, познато како магнеторецепција, навистина постои кај кучињата, исто како и кај многу други животни, на пр., птиците и жабите.

Долго време имаше сомнежи за присуството на овој скриен талент кај нашите четириножни пријатели, но тоа никогаш не беше тестирано на детален начин.

- Прилично сум импресионирана од податоците - истакна биологот Кетрин Лохман, која ја проучува магнеторецепцијата кај птиците и желките, а која не била вклучена во студијата.


Додека ловат, некои кучиња се враќаат назад со душкање, но некои некогаш се враќаат на стартната позиција по сосема нов пат, способност која истражувачите ја нарекуваат извидништво.

Тоа е интересна способност, но досега истражувањата за тоа како животните се ориентираат и како тоа е поврзано со магнетните полиња многу подетално се истражуваше за други животни, а не за кучињата.

Изолирањето на едно сетило при тестирање куче е тешко, но истражувачите смислиле уникатен метод. Со користење на ГПС-податоци и видеоснимки од камери тие набљудувале 27 ловџиски кучиња од десет раси како изведуваат тест на 62 различни пошумени локации.

Помеѓу 2014 и 2017 година со кучињата биле направени повеќе од 600 тестирања - тргање во лов и враќање кај нивните луѓе.

Со анализа само на извидничките настани, авторите утврдиле дека кучињата што бркале животински мирис враќањето кон своите сопственици го започнале со околу 20-метарско трчање по оската север-југ, без оглед на тоа каде стоел нивниот сопственик.

Авторите ова го нарекле „компас трчање“ и тие се сомневаат дека тоа е начин за кучињата да ги подготват магнетните сензори пред да тргнат.

Поради тоа што шумата им била непозната на кучињата, немало миризби за следење. Исто така, немало ветар кој ќе ја носи миризбата од луѓето до кучињата и густите лисја го правеле патот претежно затемнет. Од друга страна, магнетното поле на Земјата е „универзална“ референтна рамка која не слабее.

Земајќи ги предвид сите овие променливи, авторите наведуваат дека ловџиските кучиња изгледа навистина користат магнеторецепција за да си го најдат патот назад до сопственикот.

Извор и насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука