Според Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје, бездомните кучиња се продукт на човечката неодговорност, негрижа и желба за профит
Проблемот со бездомните кучиња е вечно актуелен. Кучињата бездомници се нерешлив проблем во државава. Се крева врева кога ќе се случи некој несакан инцидент и за три дена спласнува. Инциденти безброј, жртви исто така, бездомни кучиња на секој чекор, а ниту едно решение.
Според ветеринарите, кога се отвора прашањето за агресивноста на кучињата, прво треба да се осврнеме на тоа што е и што не е агресивност кај кучињата и зошто доаѓа до напади.
Кучињата се агресивни поради страв
- Многу често се слуша изразот агресивно куче, особено кога станува збор за бездомни кучиња, но навистина луѓето не се запознаени што тоа навистина значи и што е навистина агресивно куче. Агресивност по дефиниција е акт на напад или закана со која се предизвикува повреда. Покажувањето агресивност кај кучињата вклучува напаѓање, штракање со заби и касање. Заканувачкото однесување вклучува вкочанување в место, фокусиран поглед, накострешување и ’ржење. Кучешкиот вид е високо успешен во приспособувањето кон животната средина за да преживее. Агресивноста е само уште една алатка за преживување - изјавува Анета Николова, ветеринар со над 20 години во областа на бихевиористиката и однесувањето на кучињата.
Анета Николова
Според неа, има многу причини што можат да го поттикнат агресивното однесување кај кучето. Некои од нив се:
- Анксиозност, страв или фобија. Животното кое е анксиозно или во страв може да покаже агресивно однесување за да ја отстрани причината што му предизвикува страв.
- Територијално однесување. Особено мажјаци кои бранат територија. Борба за храна, преживување.
- Здравствени проблеми.
- Лошо однесување на луѓето кон нив (тепање, поттикнување агресивност).
- Предаторско однесување - кучињата се ловци, предатори и сѐ што се движи (бега) може да биде тригер да се вклучи предаторскиот инстинкт.
- Мајчинска агресивност - одбрана на потомството.
- Мораме да разбереме дека агресивноста е адаптивна особина. Животните се генетски предиспонирани да користат однесување кое ќе го осигури нивниот опстанок и со кое ќе ја контролираат средината. Агресивноста е еден одговор кој води кон таа цел – преживувањето. Најчестиот вид агресивност, особено кај уличните кучиња, е агресивноста од страв. Кучето активно покажува дека се плаши и предупредува дека би реагирало доколку мора.
Постои и научена агресивност. Еднаш кога кучето реагирало агресивно и тоа му успеало да избрка некого или да добие нешто, следниот пат ќе ја повтори реакцијата бидејќи претходно била успешна. Пример за ова е лаење на луѓе, кое прво започнува од страв, па подоцна и почнува да го брка човекот бидејќи знае дека тој ќе замине - ни споделува Анета.
Бранете се само доколку сте нападнати
Секако, тие кучиња не треба да се на улица и најмалку треба луѓето да се во опасност, но кога веќе го имаме тој проблем, да се обидеме да најдеме начин како да избегнеме напад.
Знаејќи го сето горенаведено, најпрво да се обидеме да ја избегнеме можноста да бидеме нападнати, за што постојат повеќе начини, посочува Анета.
- Иако можеби не ги сакате кучињата, сепак, обидете се да бидете пријателски настроени кон уличните кучиња што живеат во вашето соседство. Не мора да ги храните редовно и да ги галите, но ако им прозборите пријателски или некогаш им фрлите парче храна, тие веќе нема да ве сметаат за закана и нема да реагираат на вас. Доколку реагирате заканувачки, ги бркате и ги тепате, верувајте дека секогаш ќе ве имаат на око како опасност и можно е да се обидат да ве избркаат со лаење или евентуално напад. Доколку видите глутница, обидете се незабележително да ги избегнете. Ако веќе сепак мора да поминете оттука, земете нешто што ќе ви помогне да се одбраните, нагласувам, САМО АКО СТЕ НАПАДНАТИ. Инаку, не мавтајте со ништо и не заканувајте се бидејќи тоа може да предизвика напад поради тоа што ќе чувствуваат закана од вас - советува нашата соговорничка.
Доколку со лаење ви пристапи непознато куче/кучиња, застанете. Никогаш немојте да трчате или да се оддалечувате со свртен грб. Не покажувајте страв и не викајте возбудено. Застанете малку настрана, избегнете директен контакт со очи и прозборете пријателски со сигурен глас. Почекајте кучето да се смири и да замине. Тоа се случува во најголем број случаи.
Доколку, сепак, кучето премногу се приближи со јасни знаци на напад кои погоре ги опишав, исправете се и со остар глас, без викање и возбуда, кажете нешто како „БЕГАЈ, НЕ“! Во тој случај повеќето кучиња ќе застанат и нема да се обидат да нападнат. Ќе лаат заканувачки уште кратко време околу вас и ќе си заминат. Доколку се повеќе кучиња и ова не помага, значи ако веќе ве нападнат, вие ќе мора да се браните и тогаш посегнете по камен од земја или дрво или доколку имате нешто в раце, користете го за одбрана. Качете се на нешто повисоко доколку има во близина (возило) или сл. И избркајте ги со остар глас. Најчесто бегаат штом ќе посегнете по камен од земја бидејќи знаат дека ќе ги удрите. За жал, тоа е нивното секојдневие. Ова го велам само во краен случај кога веќе сте нападнати бидејќи инаку може да тригира напад. Ова се навистина ретки ситуации бидејќи најчесто првите опишани начини помагаат. Доколку сте каснати, запомнете го кучето што ве каснало. Ќе мора да биде пријавено и набљудувано во надлежната институција согласно законските прописи. Измијте ја раната со топла вода и сапун и веднаш одете на лекар - советува Николова.
Потребна е масовна стерилизација
Според Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје, бездомните кучиња се продукт на човековата неодговорност, негрижа и желба за профит. Прашањето со бездомните кучиња ќе се реши еднаш засекогаш доколку се прифатат препораките на здруженијата за заштита на животните кои се темелат на наука и на најдобрите светски практики од земји што го надминале проблемот.
- Потребна е масовна стерилизација/кастрација на 75 отсто од репродуктивно способните единки на територија на една општина/град во период од 6-7 месеци. За Скопје, тоа би значело оперирање меѓу 3 и 4.000 кучиња.
- Задолжително враќање на улица на оперирани и вакцинирани единки за да може да ја штитат територијата од прилив на нови кои се репродуктивно способни. Само така размножувањето на улиците ќе го сведеме на нула. 50-60 отсто од женките што ЈП „Лајка“ ги уловува се трудни.
- Со стерилизација/кастрација се намалува дури 95 отсто од агресијата кај животните. Тие повеќе не формираат глутници (кои се формираат за време на периодите за парење).
- Комплетиран регистар на миленици и ригорозни казни за нечипирање и за напуштање миленик. Моментално казната за напуштање миленик според закон е меѓу 50 и 75 евра, а за нечипирање миленик 100 евра. Износот е низок, а во јавноста има информација за само еден случај на казнување по основа напуштање миленик, што јасно упатува на фактот дека отсуствува клучен контролен механизам од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, која веќе со децении не си ја врши работата.
- Комплетиран регистар на одгледувачници и задолжителни даноци за сите што сакаат да размножуваат животни.
- Масовни програми за едукација од најрана возраст за одговорно сопствеништво и удомување наспроти купување миленици.
- Субвенции за граѓаните да се мотивираат да стерилизираат/кастрираат миленици.
- Законска забрана за евтаназија на бездомни животни бидејќи нивното убивање е неетичко, аморално и го подрива резултатот од спроведувањето на стратегијата улови-стерилизирај-вакцинирај-врати, ни изјавува Велковска.
- Здруженијата за заштита на животните и самостојните активисти во континуитет со децении наоѓаат домови за бездомни животни, со што го амортизираат проблемот на улиците кој се создава со неработењето на Агенцијата за храна и ветеринарство. Единствено Агенцијата има надлежност да го отстрани изворот од каде што потекнуваат најголемиот дел од бездомните животни - преку ригорозни и неселективни казни за неодговорните сопственици кои или ги напуштаат милениците или ги пуштаат слободно надвор „да се олеснат“, или исфрлаат расни животни што ги размножуваат ако имаат физички фалинки поради кои нема да може да ги продадат и од нив да заработат - категорична е Велковска.
Фото: Анета Николова