Чарето е што побрзо да се вакцинираме со што повеќе дози, но не само ние, велат епидемиолози
Македонија е една од државите што не можат да се пофалат со силно темпо на вакцинирање против Kовид-19 и во која имунизацијата почна подоцна. Но истовремено, според процените на здравствени експерти, може да биде и една од државите во Европа што може брзо да го заокружи процесот на вакцинација и така населението да го постигне имунитетот против Kовид-19. Тоа практично би значело враќање на старото функционирање на граѓаните во земјава. Но, сè зависи од тоа дали ќе имаме вакцини.
Епидемиолози посочуваат дека во оваа ситуација е клучно наскоро да се обезбедат потребните вакцини за кои државата аплицирала. Сметаат дека тоа што Македонија е мала држава, со мала популација, во случајот е предност зашто и помал ќе биде процентот на лица што ќе треба да бидат опфатени во процесот на имунизација.
Досега во земјава вкупната бројка на дијагностицирани ковид-позитивни лица е 100.632. Сепак, епидемиолозите велат дека реалната бројка на ковид-позитивни лица е многу поголема од официјалната зашто има многу што не се тестирале, а биле позитивни на вирусот, но и многу асимптоматски случаи кои го прележале вирусот.
Во моментов во државата вакцини има само за лекарите од првата линија, кои се во контакт со ковид-пациенти и работат во ковид-одделенијата, или 4.680 вакцини преку првиот дел од донацијата од Србија.
Но, колку време би било потребно да се вакцинираат оние што ги исполнуваат условите за вакцинација?
Проф. Даниловски: 150 дена за вакцинирање
Епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски проценува дека важен момент е процентот на население што веќе имало контакт со вирусот и кое има стекнато имунитет, а во оваа фаза на тие лица не им е потребна вакцина.
Toj прави математичка пресметка според која, со сегашното темпо, Македонија за околу 150 дена ќе може да биде во процес на враќање на животот во нормала. До таа математичка анализа епидемиологот доаѓа преку два аспекта. Едниот аспект се лицата што веќе имале контакт со вирусот, а вториот се лицата што треба да бидат опфатени со процесот на вакцинација, кои според него не се повеќе од 400 илјади во државата.
- Процената е дека досега контакт со вирусот имале околу 700 илјади луѓе. Според најнова израелска студија, сите тие (дури и ако немаат антитела), сепак, ретко се заразуваат по втор пат зашто ги штити клеточниот имунитет. Затоа, во оваа фаза, нема потреба да се вакцинираат - вели Даниловски.
Пресметката ја темели на население од околу 1.600.000 луѓе.
- Ако од таа бројка се одземат 700 илјади, остануваат 900 илјади. Имајќи предвид дека британскиот вид е позаразен и сигурно ќе стане доминантен до крајот на март, прагот на колективниот имунитет, потребен да се сопре епидемичното ширење, треба да биде најмалку 75 проценти (а не 60, колку што требаше со стариот сој). Тоа се 1.200.000 луѓе. Ако се одземат 700.000, остануваат 500.000. Од нив, 22,5 отсто (112.500) се млади под 19 години, кои не подлежат на вакцинирање. Преостануваат 387.500 лица. Со дневна динамика од 2.500 вакцинирани, тие би биле вакцинирани за 155 дена. Ова е груба апроксимација, под претпоставка да е точна претпоставката дека околу 700.000 луѓе прележале досега. Инаку, над 65 години возраст се околу 290.000 луѓе - вели епидемиологот.
Тој дополнува дека ова е пресметка за давање само на првата доза, потенцирајќи дека овој период пропорционално ќе биде подолг, имајќи предвид дека на секој граѓанин треба да му се даде и втора доза.
Што се однесува до вакцинацијата на здравствените работници, Даниловски вели дека во Македонија имаме 32.000 здравствени работници (од нив 6.200 доктори). За сите да се вакцинираат, ќе бидат потребни 13 дена со максималниот капацитет на вакцинација од 2.500 лица на ден.
Инаку, просекот на вакцинирани лекари и медицинари на ден, за седум дена е 182 аплицирани вакцини на ден. Имунизацијата се одвива во модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје.
Д-р Стојанов: Една година, а мора да сме брзи
Д-р Александар Стојанов, исто така, епидемиолог, смета дека би ни била потребна една година за да се вратиме во нормала со вакцинација, но под услов да има вакцини и таа да не се случува само кај нас.
- Кога ќе стасаат вакцини, и за логистичката операција ќе треба време. Целата идеја е да вакцинирате што повеќе луѓе за пократко време. Ќе треба време да се оствари добар план. Мислам дека е малку да се вакцинираат 2.500 на ден. Овие мутации што сега ги има се мали, ама што ако преминат во поголеми. Кратко ни е времето. Затоа и реков дека поентата е да вакцинирате што повеќе луѓе за пократко време. Уште не знаеме дали ќе ни треба посебна вакцина за секоја година како што е со грипот. Не знаеме колку трае имунитетот со вакцина, не знаеме ни колку трае и по прележување. Она што ме загрижува е и кој ќе ги прими. Досега имаме околу 100.000 пријавени. Практиката покажува дека сè што ќе замислиме тешко ни оди, особено на овие простори - вели д-р Стојанов.
Тој додава дека во денешно време вирусите брзо се шират и ние не можеме да се затвориме како држава.
- Чарето е што побрзо да се вакцинираме со што повеќе дози, но не само ние. Ние не можеме да се затвориме, светот има 7 милијарди луѓе, треба 5 милијарди да се вакцинираат за да се вратиме во нормала - вели докторот.
Ги чекаме вакцините
Кон крајот на месецов се очекува да стигне и вакцината од кинескиот производител „Синофарм“, од каде што во директни преговори се купени 200 илјади вакцини.
Пред неколку дена министерот за здравство Венко Филипче најави дека во март се очекува и првата испорака на вакцините од „Астра зенека“ преку КОВАКС-механизмот.
- Сите вакцини се безбедни и ги имаат потребните документи од националните агенции.
Досега желба за вакцинација изразиле над 91.000 граѓани, од кои 42.371 се лица над 70-годишна возраст. Вакцинирањето е доброволно и се спроведува согласно стратегијата за вакцинација во нашата земја. Единствениот начин за да го победиме вирусот е со вакцинација против коронавирусот - посочи тогаш Филипче.
Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, во прва фаза ќе се вакцинираат здравствените работници и граѓаните над 70 години. Сите други што се регистрирале преку Vakcinacija.mk ќе бидат контактирани од матичниот тогаш кога нивната група ќе биде на ред за вакцинирање согласно националната стратегија.
Фото: Борче Поповски