X
 25.04.2020 Наука

Научници ја објавија најцелосната геолошка мапа на Месечината. Преубава е!

Оние светли и темни точки што може да ги видите кога ја набљудувате Месечината се само знаци за богатиот геолошки диверзитет што може да се најде на нашиот најблизок небесен сосед, а научниците ја направија најдеталната мапа на композицијата на површината на Месечината.

Не само што мапата е неверојатна за гледање, туку е и нацрт за идни мисии на Месечината и може да ги води астронаутите кон точки соодветни за слетување и области што вреди научно да се истражат.

Фасцинантната мапа на геологијата е составена од страна на тим од НАСА, Лунарниот и планетарен институт во Тексас и Центарот за астрогеолошки науки во Аризона, предводени од Геолошкиот топографски институт на САД (УСГС).

- Луѓето отсекогаш биле фасцинирани од Месечината и од тоа кога може да се вратиме таму. Па, прекрасно е да се види како УСГС создава ресурс кој може да ѝ помогне на НАСА во планирањето на идните мисии - истакна Џим Рајли, поранешен астронаут од НАСА и сегашен директор на УСГС.


На размер 1:5.000.000 мапата е составена од податоци собрани од шест мапи од времето на „Аполо“, како и понови сателитски снимки. Бил користен географски софтвер за да се состават сите делови во една обединета целина.



Освен комбинирање на неколку стари и нови сетови на податоци, научниците што стојат зад проектот исто така ги стандардизирале имињата на карпите, описите и нивната старост - нешто што претходно варираше од мапа до мапа.

Исто така, додадени се и тополошки информации: локациите на кратерите, гребените, расцепите, сртовите, раседите и сите други нерегуларности на површината на Месечината. Експертите планираат во иднина да направат уште подетални геолошки мапи.

Месечината има кора и јадро, но нема тектонски плочи како Земјата. Еден од начините на кои подоброто разбирање на геологијата на Месечината може да биде корисно е во прикажување на нејзината историја долга 4,5 милијарди години: како настанала, како еволуирала и со што сѐ се судрила.

Проучувањата на нашиот сателит беа потпомогнати и од примероци на карпи собрани за време на мисиите.

Во однос на идните мисии, без сомнеж ќе има консултации со новата мапа. НАСА планира да испрати луѓе на Месечината во 2024 година.

Тука можете да ја погледнете мапата.

Извор и фотографии: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука