Што е „Чет-ГПТ“ и зошто предизвика толкава дебата низ светот? Дали може да има влијание врз тоа како учат учениците и студентите? Дали тоа може да пројави поголеми проблеми и „дупки“ во знаењето на новите генерации?
На оваа тема истражуваа студентите Македонка, Теодора, Ауљона и Луан од ФИНКИ.
„Чет-ГПТ“ е еден од најновите чет-ботови за вештачка интелигенција лансиран за јавна употреба во ноември 2022 година и бројот на корисници е шокантно голем. Во времето во кое живееме стана тренд да се користи сѐ што е популарно во моментот без да се размислува многу за тоа, и тоа е алармантно. Денес ќе се потрудиме да фрлиме малку светлина врз тоа што всушност е „Чет-ГПТ“ и какво влијание може да има врз образованието.
„Чет-ГПТ“ има потенцијални придобивки за образованието, но има и негативни аспекти што треба да се земат предвид. Тие вклучуваат преголемо потпирање на технологијата, недостиг на човечка интеракција, потенцијален проблем за лажни вести и предрасуди, проблеми за безбедноста, приватноста и пристапноста. Важно е внимателно да се измерат овие фактори и да се ублажат за да се обезбеди добро опфатено и инклузивно образование.
Студентите Македонка и Луан ќе ни ги објаснат предностите и ефектите што ги имаат искусено со користење на „Чет-ГПТ“ за нивните проекти.
- Како студенти на ФИНКИ, имаме многу проекти за кои ни требаат креативни идеи кои само со истражување на „Гугл“ не би успеале да ги најдеме од големиот број резултати што ни ги нуди, но со помош на алатката „Чет-ГПТ“ доаѓаме многу побрзо до резултати кои се навистина многу креативни. Има професори кои сѐ уште сметаат дека не треба да се користи „Чет-ГПТ“ како помошна алатка, но исто така има и многу кои нѐ подржуваат во тоа и во нашето размислување „надвор од кутијата“.
Студентите објаснуваат дека оваа истражувачка иницијатива произлегла од предметот „Медиуми и комуникации“ на ФИНКИ под водство на професорот Владимир Трајковиќ.
Нејзините колешки Теодора и Ауљона ги споделуваат резултатите од анкетата што била спроведена за ова истражување, не само за големите маси, туку и за професорите од ФИНКИ.
- 86% од испитаниците што одговорија на анкетата ни кажаа дека се запознаени со поимот „Чет-ГПТ“ и како работи тој, а 92% од нив беа ученици од средно образование и студенти од 16 до 23 години. Ова ни укажува дека помладите генерации сѐ повеќе ги користат новите технологии во нивна корист за поефективен и побрз начин на решавање на нивните проблеми. Се разбира, исто така многу од нив мислат дека со користењето на овие алатки може да предизвика „дупки“ во нивното образование, како и намалување на нивната креативност. Професорите се поделени по ова мислење, каде што 60% од нив мислат дека оваа алатка треба да се забрани за користење за проекти/семинарски и домашни, но еден од професорите на ФИНКИ даде многу интересен коментар за овие алатки:
- Тоа е алатка, како што е алатка моливот или книгата, но со многу повеќе функционалности. Не е прашањето дали е алатката добра или лоша, туку како се користи. Дали треба моливот да се забрани затоа што со него може да прободеш некого? Кога постоела група на корисници што не знаат или не се вешти во користење на која било алатка низ историјата, нивната прва реакција секогаш била дека треба да се забрани.“
Дали се согласувате и вие со ова мислење и дали мислите дека сѐ додека алатките како „Чет-ГПТ“ се користат етички, треба да бидат дозволени за користење на факултетите и во пониското образование?